Жито Прилеп со шампионски амбиции
Миодраг Мицковиќ
Ракометарките на Жито Прилеп ги почнаа подготовките за новата сезона со големи амбиции, бидејќи никогаш досега прилепскиот тим немал толку силен состав, со кој годинава ќе настапува во новоформираната Регионална лига заедно со Металург, како и во Купот на куп-победниците. Тренерот Ристо Магдинчев на располагање ќе има квалитетен тим: од Црна Гора дојдоа младинските репрезентативки Даниела Матановиќ, Ана и Тамара Стојановиќ, Андријана Кликовац и Билјана Павичевиќ, од Ѓорче Петров потпишаа Савица Мркиќ и Марија Штерјовска, а од Струга се приклучи Јована Цветаноска. Сепак, најголемо засилување е Михаела Мунтеану, која има брането и за репрезентацијата на Романија. Покрај овие ракометарки, во клубот останаа Дијана Наумоска, Ивана Петковска, Марија Когој, Марија Серафимовска, Кристина Илиеска, Софија Аѓулеска, Марија Петлеска и Сандра Дурланова.
Неколку дена македонскиот вицешампион ќе тренира во Прилеп, потоа се сели во хотелот „Алпина“ во Маврово, каде што ќе одигра четири средби со екипи од Романија и од Грција. Оттаму заминуваат за Врњачка Бања, каде што од 19 до 26 август во рамките на подготовките ќе играат со српските клубови Јагодина, Заечар, Књаз Милош, Наиса, Раднички (Белград) и Борац (Чачак). По враќањето во Прилеп ќе ги продолжат подготовките за првото коло од КПК против Гарлијава од Литванија на 3 септември во гости и седум дена подоцна во Прилеп. Стартот, пак, на Регионалната лига е на 10 септ��мври, а ждрепката е закажана за 30 јули. Во лигата ќе играат осум екипи, но постојат шанси таа да биде зголемена на десет.
„Верувам дека годинава сериозно ќе му конкурираме на Металург во битката за шампионската титула. Ќе играме и во Регионалната лига, а во првенството на Македонија заедно со Металург ќе се приклучиме во разигрувањето за титулата“, вели амбициозниот Магдинчев, кој верува дека новата сезона, со овој нов и многу посилен тим, ќе донесе и поголеми успеси и љубителите на ракометот во Прилеп ќе имаат можност годинава да гледаат квалитетен ракомет. |