Кошаркарите трети во Бормио

Победа над Канада од 72:65 по поразот од домаќинот Италија од 89:70
Роберт Димитриевски
Македонија го освои третото место на кошаркарскиот турнир „Трофеј Диего Џанати“ во италијанскиот зимски центар Бормио. По високиот пораз на стартот од домаќинот Италија од 89:70, во натпреварот за третото место беше совладана Канада со 72:65. Италијанците го освоија турнирот со победата од 80:74 во финалето против Бугарите, кои претходно беа подобри од Канаѓаните со 79:72.
Македонската репрезентација во Бормио настапи без стандардните Тодор Гечевски и Бо Лестер Мекејлеб, кои ги немаше ни на турнирот во Птуј пред една седмица, по кој во Скопје се вратија капитенот Перо Антиќ од приватни причини и Ристе Стефанов заради санирање на повредата на стапалото. Нивното отсуство се почувствува и во првото полувреме против земјата на јаворовиот лист, која го доби со 38:31. Но, избраниците на селекторот Марин Докузовски по паузата се консолидираа и направија пресврт, најмногу благодарејќи на новото засилување на Фени индустри, Кирил Николовски, кој се издвои во победничкиот состав со 14 коша. Двоцифрен ефект остварија и Дамјан Стојановски, кој забележа 12 поени, еден повеќе од Владо Илиевски, а Димитар Мираковски запре на десет.
Против „аѕурите“, пак, дојде до израз 14-часовното патешествие со автобус од Птуј до Бормио и се' беше решено уште во првата четвртина. Неа противникот, з��силен со НБА-играчите Данило Галинари од Денвер и Марко Белинели од Њу Орлеанс, ја доби со 18:6, откако мечот го почна со водство од 10:1. Во следните две Македонците се стабилизираа, па вториот период Италија го заврши со 23:22, во третиот беше нерешено 23:23, а последниот повторно му припадна на тимот на Симоне Пјаниџани со 25:19. Предраг Самарџиски беше најдобар кај црвено-жолтите со 14 коша и девет скока, Дамјан Стојановски постигна 13, Илиевски 12, а Војдан Стојановски 10. Во италијанската селекција блескаа Белинели со 16 поени и Галинари со 12.
По турнирот во Бормио македонскиот национален тим се врати во Скопје, каде што ќе тренира во салата „Борис Трајковски“ до четврток. В петок повторно се заминува за Словенија, овој пат на турнирот на ексјугословенските републики во Љубљана, кој ќе се одржи од 6 до 9 август. Македонија е во групата со Србија и со Босна и Херцеговина, а на последниот ден од турнирот ќе се игра и за пласман со некоја од селекциите од групата во која се Хрватска, Црна Гора и домаќинот Словенија.
Кадетите поразени од Романија
По стартниот пораз од Англија, најдобрите македонски кошаркари до 16 години изгубија и од Романија на Европското првенство од дивизијата Б што се одржува од 28 јули до 7 август во Струмица. Романците славеа со 68:62, по четвртини 21:10, 20:25, 12:15, 15:12. Залудна се покажа брилијантната партија на Даниел Нацевски, кој забележа по 13 поени и скокови, четири украдени топки и две асистенции.
Избраниците на селекторот Игор Михајловски се последни во групата А, во која синоќа требаше да се сретнат со Грузија. (Р.Д.)
|