Славеникот Батон победник во Хунгароринг

Својата 200. трка Британецот ја прослави со триумф на патеката на која во 2005 година ја оствари првата победа во кариерата
Џенсон Батон посака и желбата му се оствари. Поранешниот светски првак сакаше да врне во неговата 200. трка во кариерата и господ не само што го послуша, туку и го награди со победа во трката за Големата награда на Унгарија во Формула 1. А токму на патеката Хунгароринг возачот на Мерцедес во 2005 година ја оствари својата прва гран-при победа.
Британецот направи правилен избор на гумите при третото влегување во боксот, бидејќи непосредно потоа заврна, а тоа му помогна да го престигне сонародникот и тимски колега Луис Хамилтон, преземајќи го водството од него. Хамилтон имаше шест пит-стопа, вклучувајќи го и казненото минување низ боксот, но во финишот го помина Марк Вебер од Ред бул и заврши четврти. Второто место му припадна на бранителот на титулата и лидер сезонава Себастијан Фетел од Ред бул, а Фернандо Алонсо од Ферари се искачи на најниското скалило од победничкиот пиедестал.
Батон е единствениот што победил на Хунгароринг во влажни услови. Покрај во 2005 година, ова е само втор пат за време на Унгарското гран-при да истури дожд, а трката е во Ф1-календарот од 1986 година.
Фетел се рехабилитира за грешките во почетокот од трката и со стратегија од само три посети на своите механичари без проблеми го освои второто место. Сега неговата предност во однос на второпласираниот Вебер е 83 бода.
Хамилтон на летната пауза заминува како трет во вкупниот поредок, со заостанување од 88 бода во однос на Фетел, а Алонсо има само еден поен помалку од Британецот на четвртото место.
Пласман на ГН на Унгарија
1. Џенсон Батон (Велика Британија) Мекларен 1:46:42,337 ч.
2. Себастијан Фетел (Германија) Ред бул +3,588 сек.
3. Фернандо Алонсо (Шпанија) Ферари +19,819 сек.
4. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мекларен +48,338 сек.
5. Марк Вебер (Австралија) Ред бул +49,742 сек.
6. Фелипе Маса (Бразил) Ферари +1:23,176 мин.
7. Пол ди Реста (Велика Британија) Форс Индија + 1 круг
8. Себастијан Буеми (Швајцарија) Торо росо +1 круг
9. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +1 круг
10. Хаиме Алгерсуари (Шпанија) Торо росо +1 круг
Пласман на другите: 11. Кобајаши, 12. Петров, 13. Барикело, 14. Зутил, 15. Перез, 16. Малдонадо, 17. Глок, 18. Рикјардо, 19. Д'Амброзио и 20. Лиуци. Се откажаа: Ковалаинен, Шумахер, Хајдфелд и Трули.
Вкупен поредок, возачи: Фетел 234, Вебер 149, Хамилтон 146, Алонсо 145, Батон 134, Маса 70, Розберг 48, Хајдфелд 34, Петров 32, Шумахер 32, Кобајаши 27, Зутил 18, Буеми 12, Алгерсуари 10, Перез 8, Ди Реста 8 и Барикело 4. Конструктори: Ред бул 383, Мекларен 280, Ферари 215, Мерцедес 80, Рено 66, Заубер 35, Форс Индија 26, Торо росо 22 и Вилијамс 4. |