Работнички пропушти шанса да го покори Белфаст
Сашко Ѓ. Димовски
Претпоставките се остварија. Работнички е единствената македонска екипа со шанси да одигра повеќе од два натпревари во европските фудбалски купови во оваа сезона. За континуитет на добри настапи во Европа во последните неколку сезони „романтичарите“ се погрижија и во вторникот во Белфаст во воведните 90 минути од второто елиминациско коло за Лига Европа против анонимниот северноирски претставник, Крусејдерс. Одиграа 1:1 и може да жалат што не се вратија во Скопје со полн погодок. Поведоа со голот на Боби Божиновски во 47 минута, домашните израмнија буквално во последните секунди од мечот преку Дејвид Рејни. Претходно Крусејдерс не искористи удар од белата точка, непрецизен беше Мартин Донели. Обете екипи го завршија натпреварот со играч помалку, Работнички и без тренер на клупата. Слабиот израелски судија Асаф Кенан најпрво му покажа црвен картон на најдобриот фудбалер на Крусејдерс, Колин Коутс, во 68 минута, во 87 минута истата судбина го снајде и голманот на „романтичарите“, Кристијан Наумовски, а во 90 минута своето место на клупата мораше да го напушти и тренерот Зоран Стратев поради реакција на една судиска одлука.
Работнички сега знае со каков противник има работа. Ако во Белфаст отпатува во непознато, за реваншот во Скопје сигурно ќе има поинаков пристап и стратегија со цел да се оствари пласман во третото квалификациско коло во Лига Европа. За елиминација никој не помислува. Такво нешто од состав кој ја гледа Европа по пауза од 12 години, состав кој досега нема елиминирано ниту еден тим во меѓународните купови, и состав кој во вторникот го оствари четвртото реми во натпреварите на стариот континент ќе биде вистинска катастрофа. Но, резултатот од Белфаст никако не смее да ги залаже момчињата на Стратев. Се надеваме дека фудбалерите на Работнички нема да дозволат некој преку нив да пишува ��сторија и задачата во реваншот ќе ја завршат како што им доликува на професионалци, а на јавноста ќе и' овозможат најмалку уште еден европски натпревар на „Филип Втори“ арената во Скопје.
Крусејдерс- Работнички 1:1
Полувреме: 0:0. Стадион: „Морнвју парк“ во Белфаст. Гледачи: 1.000. Гл. судија: Асаф Кенан. Помошници: Шабтал Нахмијас и Езра Басон (сите тројца од Израел). Ж. картони: Кинан (Крусејдерс), Б. Божиновски, Вандаир (Работнички). Ц. картони: Коутс (Крусејдерс), Наумовски, Стратев (Работнички). Стрелци: Рејни во 90 минута за Крусејдерс, Б. Божиновски во 47 минута за Работнички.
Крусејдерс: Кинан, Мекион, Мекбрајд, Маговен, Коутс, Доерти (Блек), Диксон, Рејни, Донели, Мороу (Овенс). Тренер: Хари Мегау.
Работнички: Наумовски, В. Божиновски, Ристов, Бојовиќ, Секулоски, Б. Божиновски, Муарем (Да Силва), Тодоровски, Глигоров, Савиќ (Петковски), Вандаир (Богатинов). Тренер: Зоран Стратев. |