БАТЕ Борисов си обезбеди формален реванш
Македонија Ѓ.П. загуби со 2:0 во Скопје во првиот меч од 2. елиминациско коло во ЛШ
Сашко Ѓ. Димовски
Македонија Ѓорче Петров не успеа да прикаже игра, да оствари добар резултат и уште помалку да ја убеди јавноста зошто шампионскиот пехар во ланското првенство заврши во нејзините витрини. Во вторникот во Скопје ѓорчепетровци беа надиграни во целост и убедливо и заслужено поразени од БАТЕ Борисов со 2:0 во првиот меч од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите, резултат кој реваншот во Белорусија по седум дена го прави чиста формалност. Творци на победата за составот од Борисов беа Кривец во 40 минута и Скавиш во 49.
„Очигледно бевме преимпресионирани од противникот. БАТЕ Борисов постигна два гола по наши грешки и заслужено победи. Ние не успеавме да ги реализираме нашите шанси. Кој знае каков тек ќе имаше мечот ако Мојсов погодеше во петтата минута“, кусо прокоментира Илчо Ѓоргиоски, тренер на Македонија Ѓ.П.
Македонија Ѓ.П. навистина немаше среќа уште при ждрепката, БАТЕ Борисов навистина беше огромен фаворит во двомечот со ѓорчепетровци од кои се очекуваше барем отпор како што и се најавуваше. Но, наместо тоа видовме слаба партија на домашните, неповрзаност на редовите, безидејност на играчите за врска, за нападот да не говориме. Оние што беа задолжени за гол не успеаа да се откријат, да им избегаат на чуварите, да добијат топка, а оние ретките што ги добиваа не знаеја да ги исконтролираат. Ѓорчепетровци имаа две шанси во текот на 90 минути и изведоа само еден корнер што доволно говори за нивната инфериорност во дуелот со гостинот од Белорусија. Двата обида за гол беа со удари со глава, првиот на репрезентативецот Даниел Мојсов, вториот на „резервистот“, Николче Клечкаровски.
Неочекувано Ѓорги��ски го изостави искусниот Игор Кралевски во одбраната, покрај него на клупата беа и интернационалците Фелипе, Мореира, Попол. Дали станува збор за нивна недоволна физичка подготвеност или причините се поинакви не знаеме меѓутоа логично се поставува прашањето зошто тогаш се ангажираат странци кои сигурно се повеќе платени од домашните фудбалери кога не можат да се искористат во вакви натпревари. Вака излегува дека се на ниво на нашите играчи, а во некои случаи и под тоа. Меѓутоа изгледа поважно е да се каже дека екипата има странци, макар и со сомнителен квалитет, отколку тоа да се сериозни засилувања. Па додека тие се мачеа од досада на клупата, Глигоровски и колегите мака мачеа со контрола на „немирната“ топка на тревникот во обид да создадат акција. БАТЕ Борисов покажа дека место за импровизации нема кога се работи за Лигата на шампионите.
„Наидовме на пеколно време. И покрај тешките временски услови добро ја контролиравме играта иако противникот даде силен отпор“, рече гостинскиот тренер Виктар Ханчаренка чиј втор од изјавата ќе го сфатиме куртоазно, па во продолжението дополни:
„Домашниот тим немаше доволно кондиција. Можеби причина е во тоа што првенството во Македонија се' уште не е започнато, а во Белорусија е во полн ек. Ние ги искористивме сите шанси од кои можевме да поентираме, одигравме добро во одбрана и мислам дека заслужено победивме“.
Македонија Ѓ.П. - БАТЕ Борисов 0:2
Полувреме: 0:1. Национална арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 5.000. Гл. судија: Петер Расмусен. Помошници: Ларс Хумелгард и Мартин Вулф (сите тројца од Данска). Ж. картони: Митрев, Лена (Македонија Ѓорче Петров). Стрелци: Кривец во 40 и Скавиш во 49 минута за БАТЕ Борисов.
Македонија Ѓорче Петров: Пустињаковиќ, Амбурет, Милевски, Мојсов, Илиевски, Митрев, Лена, Ивановски (Фелипе), Брњарчевски, Карлош (Мореира), Глигоровски (Клечкаровски). Тренер: Илчо Ѓоргиоски.
БАТЕ Борисов: Веремко, Лиахтарович (Бардачу), Рацков, Валацко, Кривец, Шитов, Сасновски, Стасевич, Скавиш (Алумона), Јуревич, Нехајчик (Паулау). Тренер: Виктар Ханчаренка. |