Кевендиш прв во првата етапа без радиоврска
Учесниците на Тур де Франс не се претргнаа во рамнинската делница во знак на протест за забраната
Марк Кевендиш ја забележа својата трета етапна победа на годинашниот 96. Тур де Франс, рамнинска делница долга 194 км од Лимож до Исудин во Франција, која велосипедистите ја извозеа во лежерно темпо во знак на протест за забраната од организаторот за користење радиоврска. Ова е вкупно седма освоена етапа на најпрестижната трка во светот за Британецот, кого сега го дели само една победа од израмнувањето на британскиот рекорд на Бери Хобан од 1975 година. Совршено воден од својот тимски колега од Колумбија, Марк Реншоу, Кевендиш беше пресилен за носителот на зелената маичка Тор Хусховд од Норвешка, кој стигна втор на целта на десеттата етапа, а трет заврши Американецот Тајлер Фарар.
„Се плашев дека премногу рано нападнав, но Реншоу ми помогна. Тој беше одличен денеска“, изјави Кевендиш.
Колоната велосипедисти, кои возеа со релативно мала просечна брзина од 40,7 км/ч, ги улови четворицата бегалци во последните два километра. Италијанецот Риналдо Ночентини ја зачува жолтата маичка.
По неколкуте состаноци во слободниот ден во Лимож, тимовите неволно прифатија да ја почнат етапата без слушалки или опрема што им овозможува на возачите да комуницираат со возилата на своите екипи.
„Ние сме многу, многу разочарани. Но, не е готово“, изјави тимскиот шеф на Астана, Јохан Бринел, која ја предводеше петицијата потпишана од 14 тима против забраната.
Седумкратниот освојувач на Тур де Франс, Ленс Армстронг, исто така изјави дека смета оти „подобро е да имаат радиоврска“, но реши да не штрајкува.
„Јас сум против штрајк. Тимовите не го сакаат тоа, а ни спонзорите“, вели Американецот. Тој смета дека 13. етапа до Колмар, исто така предвидена да се одржи без комуникациска опрема, ќе ја натера Меѓународната велосипедска унија (УЦИ) да отстапи од својата позиција. Но, комесарот на УЦИ, Мартин Бруин, соопшти дека нема план за отповикување на одлуката за утрешната планинска етапа.
Резултати од десеттата етапа: Марк Кевендиш (В. Британија/Колумбија) 4:46,43 ч., Тор Хусховд (Норвешка/Сервело) исто време, Тајлер Фарар (САД/Гармин) исто време итн.
Вкупен поредок: Риналдо Ночентини (Италија/АГ2Р) 39:11,04 ч., Алберто Контадор (Шпанија/Астана) +6 сек., Ленс Армстронг (САД/Астана) +8 сек. итн. |