Левичар на чело на Салвадор
Маурисио Фунес од поранешната марксистичка бунтовничка партија ФМЛН е избран за претседател
САН САЛВАДОР - Левичарот Маурисио Фунес од поранешната марксистичка бунтовничка партија ФМЛН (Фарабундо марти насионал либерасион фронт) победи на претседателските избори во Салвадор. Тој го порази ривалот од редовите на конзервативната партија Арена, Родриго Авила, кој го призна поразот. Арена победуваше на сите претседателски избори од крајот на Граѓанската војна во Ел Салвадор што се водеше пред 18 години.
Обраќајќи се пред задоволните симпатизери, Фунес изјави дека ова е најсреќниот ден во неговиот живот и почеток на ново поглавје на мир за земјата. Етикетиран од неговите противници како марионета на претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, Фунес вети дека ќе ги почитува сите демократски институции на Ел Салвадор. ФМЛН освои 51,3 отсто до гласовите наспроти 48,7 отсто што ги обезбеди Арена, објави Ројтерс. „Ова е најсреќната вечер од мојот живот и сакам да биде ноќ за најголеми надежи на Ел Салвадор“, изјави Фунес. „Сакам да им се заблагодарам на сите кои гласаа за мене и го избраа патот на надежта и промената“.
Неговата ФМЛН беше формирана од марксистички герилски борци од Граѓанската војна. Конфликтот заврши со потпишување мировен договор посредуван од ОН во 1991 година, по загубата на околу 70.000 човечки животи за помалку од две децении.
Фунес, поранешен ТВ новинар, претставува прекин на традицијата за партијата бидејќи тој е првиот од нејзините лидери кој не учествувал во војната. (Би-Би-Си) |