Бојко Борисов се мести за премиер на Бугарија
Лидерот на опозицијата вели дека на изборите ова лето убедливо ќе победи неговата партија
СОФИЈА - Лидерот на бугарската опозиција, Бојко Борисов, изјави дека неговата партија ГЕРБ ќе победи на парламентарните избори ова лето со убедлив број гласови и ќе го смени статусот на Бугарија како најсиромашна и најкорумпирана земја-членка на ЕУ. Борисов, кој е градоначалник на Софија, изјави за Ројтерс: „Ќе имаме доволно гласови да формираме сопствена влада и ја исклучувам опцијата за формирање коалиција“.
Анкетите за јавното мислење покажуваат дека десноориентираната партија ГЕРБ го зголемува своето водство во однос на владејачките социјалисти, додека глобалната економска криза го разгорува незадоволството пред изборите предвидени за јуни или јули.
По две децении посткомунистичка стагнација, недоволни реформи и корупција, разочараните Бугари ги насочија очекувањата кон 49-годишниот политичар и поранешен телохранител. Борисов, кој вообичаено ги избегнува прашањата дали сака да биде премиер, вели дека би ја прифатил функцијата доколку тоа е желба на народот. „Луѓето сакаат правда. Јас сум непопустлив со корумпираните, тоа е разликата меѓу мене и социјалистичкиот премиер Сергеј Станишев“, изјави Борисов во неделата.
Европската унија ја казни Бугарија, бидејќи не успеа да ги скроти корупцијата и организираниот криминал, замрзнувајќи ја помошта од ЕУ од повеќе милиони евра. И покрај бројните ветувања за резултати, Софија не обвини ниту еден висок официјален претставник за корупција, а испрати во затвор само еден криминален бос. Анкетите покажуваат дека 80 отсто од 7,6 милиони жители сакаат смена на владата. (Ројтерс) |