Револуција во шенген-оазата
Кому му е потребно повторно воведување гранични контроли во рамките на ЕУ
Австриски „Ди пресе“ се осврнува на дебатата околу повторното воведување на граничните контроли во ЕУ и на мерките што против тој тренд ги презема Европската комисија. Во статијата под наслов „Тивката шенген-револуција“ читаме:
„Бурната дебата околу повторното воведување на граничните контроли, всушност, служи за внатрешнополитички цели, особено во земјите на кои им претстојат избори, како што е Франција, на пример. Но, во рамките на ЕУ никој не работи сериозно на повторно разгледување на комплексот закони и договори поврзани со шенген. И германскиот државен секретар, Вернер Хојер, вчера во Луксембург порача дека никој не сака да дојде до ограничување на слободата на патување и дека е важно на тоа поле ниедна земја-членка да не преземе мерки без консултации со другите.
Според најавите за самитот на ЕУ, што утре и задутре ќе се одржи во Брисел, шефовите на држави и на влади имаат намера да и' препорачаат на Европската комисија до есен да изготви предлог-документ, кој под вонредни услови ќе овозможува на одреден рок повторно да се воведат гранични контроли. Меѓутоа, според најавите, тоа би било можно само во ситуација кога некоја од членките на шенген-зоната нема да биде во состојба да ги чува надворешните граници според договореното.
Оваа најава звучи бомбастично, но реално таа е само излегување во пресрет на францускиот претседател, Никола Саркози, кој се обидува да го спречи свртувањето на неговите гласачи кон десноекстремистичката партија на Националниот фронт на следните избори. Фактичко внесување нови причини за враќање на граничните контроли би подразбирало да се внесат промени во комплексот договори што го носат името шенген. А за тоа надлежните министри би требало да ја добијат и согласноста на пратениците од Европскиот парламент. Еден европски дипломат во Брисел порачува дека ниту еден министер од земјите-членки на Унијата не би се осмелил да ја отвори Пандорината кутија на Шенгенскиот договор“, читаме во виенски „Ди пресе“.
Интернет-изданието на германскиот неделник „Шпигел“, пак, се занимава со растечките социјални разлики во ЕУ и пишува:
„ЕУ се смета за оаза на благосостојба. Но, разликите меѓу земјите-членки се огромни и се зголемуваат и натаму. Така, на пример, еден Холанѓанец може да си дозволи три пати повеќе од некој Бугарин. На чело на листата и понатаму се наоѓаат граѓаните на малото кнежевство Луксембург. Тие заработуваат по глава на жител речиси три пати повеќе од европскиот просек. Зад нив се спомнатите Холанѓани, потоа доаѓаат Данците, Австријците и за големо чудо Ирците. Иако и тие, како и Грците, имаат проблеми со буџетот, сепак, можат да си дозволат споредбено многу повеќе од граѓаните на Грција. Дека во Грција има значително опаѓање на стандардот, потврдуваат и податоците на европскиот Завод за статистика. Меѓутоа, во убедливо најлоша позиција се Бугарите, кои заработуваат само половина од европскиот просек“, пишува „Шпигел-онлајн“. |