Се повлекуваат и Французите
ПАРИЗ - Францускиот претседател Никола Саркози најави постепено повлекување на 4.000 француски војници од Авганистан. Во соопштението се наведува дека Французите ќе ја следат временската рамка на американското повлекување обелоденета од претседателот Барак Обама, според која, 10.000 американски војници ќе се повлечат од земјата оваа година, а други 23.000 ќе заминат до крајот на септември 2012 година.
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го поздрави потегот, но талибанците го отфрлија како „симболичен“ и ветија продолжување на борбите додека не си заминат сите странски сили.
Најмалку 68.000 американски војници ќе останат во земјата откако 33.000 ќе бидат повлечени, но тие е планирано да заминат до 2013 година, ако авганистанските сили се подготвени да ја преземат контролата врз безбедноста на земјата.
Меѓутоа, тукушто обелоденетото намалување на американските војници е поголемо и побрзо отколку што препорачуваа воените команданти. Тие му кажаа на претседателот дека неодамна постигнатите безбедносни придобивки се кревки и отповикливи, и го повикаа да го одржува висок бројот на војници се' до 2013 година.
Дописниците јавуваат дека огромните трошоци од распоредувањето моментално повеќе од две милијарди долари неделно – привлекоа критика од конгресните лидери, додека јавноста е заморена од војната на која не и' се гледа крајот и остави зад себе најмалку 1.500 загинати војници и 12.000 повредени.
Исто така, имаше и промени на теренот, особено убиството во мај на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, од страна на американските сили во Пакистан. Повлекувањето на околу 4.000 француски војници ќе биде постепено и ќе се случи „пропорционално и во временска рамка слична на повлекувањето на американските сили“, почнувајќи во следните месеци. (Би-Би-Си) |