Националистичката политика не се казнува на Балканот
Д-р Владимир Глигоров во емисијата на ХТВ „Латиница“, неодамна, се осврна на состојбите во регионот
„Националистичката политика не се казнува на Балканот, па оттаму граѓаните имаат одговорност за ваквите состојби, бидејќи не го кршат мразот, туку ги наградуваат своите водства со високи рејтинзи“. Ова е една од поентите искажани во популарната е мисија „Латиница“ на Хрватската телевизија, насловена „Балканот - од војни до соработка“, посветена на Европската унија, која оваа 2009 година ја прогласи за Година на Балканот. Меѓу учесниците на дебатата беше и д-р Владимир Глигоров од Виенскиот институт, кој имаше интересни согледување за состојбите во регионот.
Водителот Денис Латин ги праша гостите „дали постои надеж дека на овие простори ќе се појават политички или други сили кои ќе успеат да ја раздвижат сегашната замреност, да ги отворат просторите за поголема соработка и, конечно, за европеизација.
Одговарајќи на прашањето на Латин, д-р Глигоров забележа дека низ целата емисија се провлекувал односот политичари-народ, па и во врска со актуелниот спор меѓу Хрватска и Словенија. Ненавлегувајќи во прашањето кој е во право, за Глигоров суштинското прашање е дали ставот на една или на друга влада ја зголемува нејзината популарност. Доколку е така, тогаш граѓанството не може да се ослободи од одговорноста за таа состојба. Такво прашање се поставува и во Босна и Херцеговина, т.е. дали политиката на Милорад Додиќ, односно Харис Силајџиќ, ја зголемува нивната популарност. Доколку одговорот е потврден, имаме проблем, не можеме само да кажеме дека политичарите се вакви или онакви. Тоа едноставно не е сериозно.
Според него, слични се состојбите и во Србија и во Македонија. „Ако популарноста, на пример, се зголемува со тоа што во центарот на Скопје ќе се подигне голем споменик на Александар Македонски, тогаш тоа е поширок проблем од самиот претседател на Владата или од партијата на власт. Со други зборови, одговорот на поставеното прашање е следен: ако „јавноста“ гласа против националистите, тоа ќе биде основа за промена на (националистичката) политика. Во овој момент, за сите клучни прашања, во овие земји се' уште немаме таква состојба во јавноста. Овде и онде, тоа посредно се искажува преку односот кон Европа и кон некои внатрешни прашања, но не секаде и не доволно, како што покажуваат проблемите во односите меѓу Словенија и Хрватска. Дури ни тие не се доволна причина за да се скрши тој т.н. национализам. Значи, неопходно е во јавноста да има преовладувачки став дека е потребно да се избере онаа партија или оние политичари кои ќе бидат против националистичките политики“, нагласи Глигоров. |