Македонија празнувана во Франција
Познатата катедрала во Шартр
Градот Шартр ја избра Македонија за да им ја претстави на своите граѓани
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Во рамките на празникот на Европа, градот Шартр, кој е познат во светски рамки како град со една од најубавите катедрали заштитена од УНЕСКО, која годишно ја посетуваат над 1,5 милион туристи, ја избра Република Македонија за да им ја претстави на своите граѓани, како една од најнепознатите европски земји за нив.
Македонската недела свечено беше отворена на 6 мај од страна на градоначалникот и пратеник од редовите на владејачката УМП, Жан-Пјер Жорж, и амбасадорот на Република Македонија во Париз, Јон Ивановски, а заврши во саботата, 9 мај, на градскиот пазар со дегустација на македонски производи, зачинети со македонско оро и песна во изведба на игроорната група од Руан, Франција.
Македонското знаме, заедно со француското и со европското, можеа да се видат насекаде, исто како и фотографиите од туристичките знаменитости на Република Македонија.
Патрик Жеруде, помошник-градоначалник задолжен за култура во Шартр, задоволен е од годинашното издание на празникот на Европа. „Мислам дека е многу интересно за граѓаните на Шартр при одбележувањето на Денот на Европа да им ја претставиме Македонија, европска земја непозната за нив, со нејзиното наследство, култура, гастрономија, филмови, археологија“, вели тој. Шартрани покажале интерес за она што им било понудено да се запознаат со Македонија, бидејќи, како што признава Жеруде: „Многу луѓе најпрво ја поврзуваат Македонија со Грција. Но, јас им одговарам: не, не, внимавајте, станува збор за друга земја. Многумина не знаат да кажат каде се наоѓа Република Македонија на географската карта. Но, кога ги погледнаа плакатите, фотографиите и туристичкиот материјал за земјата, тие се изненадени од убавините и се заинтересирани да ја откријат земјата поблиску “.
Жителите на Шартр имаа можност да се запознаат со класиците на македонскиот филм, како што се „Мис Стон“, „Црно семе“ и „Волчја ноќ“, со македонската поезија и класична музика, со археолошките богатства, посебно со тие на Кокино.
Даим Илјази, советник во амбасадата на Република Македонија во Париз, кој работеше на организирањето на манифестацијата, вели дека таа ги надминала очекувањата.
„Лично сум задоволен, бидејќи има многу публика и интерес од граѓаните на Шартр. Во сите денови и вечери салите беа полни и на плоштадот на Шартр, каде што има многу, многу туристи Ова е афирмација за Македонија во овој дел на Франција и воопшто во целата земја“.
Амбасадорот Јон Ивановски, исто така, задоволен е поради тоа што нашата земја е претставена како европска држава и дека кај гостите на манифестацијата постои интерес и глад за запознавање со една држава што не е толку позната во Франција. Тој смета дека ова е позитивен политички сигнал што се испраќа од срцето на Франција до цела Европа, „дека не постојат повеќе двоумења каде припаѓа Македонија. Ја гледаат како држава што ќе влезе во Европската унија наскоро. Се согласувам дека манифестацијата во Шартр е некаков вовед во еден нов пристап кон ова прашање“, вели амбасадорот Ивановски. |