За избегнати царински давачки 160 кривични пријави
Спречување шверц и економски криминал, интензивни контроли на трговски друштва, опрема и модернизација на мобилните тимови, развој на информатичко-комуникациската технологија во Царината, олеснувања за бизнисите, преземање на управувањето со граничните премини од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, се само дел од активностите на Царината кои се реализирани во текот на 2008 година. Директорот на Царината, Ванчо Каргов, на вчерашната прес-конференција рече дека досега вкупно се поднесени 160 кривични пријави за избегнати давачки во висина од околу 125 милиони денари. Најмногу од нив - 47 се однесуваат за царинска измама, а 38 кривични пријави биле за шверц. Од 3.529 барања за поведување прекршочна постапка, досега се решени 847 предмети. Исто така, во годината што изминува запленети се 1,3 килограми кокаин, околу 37 килограми хероин, морфиум и семе од канабис, а не била запленета марихуана. Остварените приходи на Царината се помали од планираните, а, според Каргов, тоа се должи на намалениот увоз во последните неколку месеци поради случувањата со светската економска криза. (МИА) |