Може да останеме без зелените пазари
Организаторите тврдат дека имаат обезбедено фискални каси
Александар Пешев
Организаторите на зелените пазари не можат да се усогласат со Министерството за земјоделство и со тезгаџиите околу фискализацијата. Поради овој проблем, се најавува дури и затворање на зелените пазари. Додека пазарџиите се бунат против сега задолжителната фискализација, организаторите на зелените пазари тврдат дека Министерството за земјоделство во целост ги нема изработено потребните документи за регистрација на тезгите како фискални субјекти. Организаторите тврдат дека имаат обезбедено фискални каси кои би можеле да им се „издаваат“речиси на сите регистрирани трговци на зелените пазари.
Претседателот на групацијата на пазарите при Стопанската комора, Љупчо Василевски, тврди дека е потребно да се најде решение за овие проблеми и да се намалат казните што се предвидени во изменетата верзија на Законот за трговија, кој неодамна се објави во „Службен весник“.
Според Василевски, високите казни ќе ги ослабат и онака веќе финансиски слабите пазари. „Овој закон нема да се одрази ефикасно во спроведувањето на одлуката за фискализирање на пазарите“, рече Василевски. „Освен два или три пазари во Македонија, останатите не можеме да плаќаме толкави казни“ додаде тој.
Инаку, организаторите тврдат дека обезбедиле фискални апарати речиси за сите пазарџии. Замислено е пазарџиите да плаќаат бескаматен аванс на организаторите за користење на фискалниот апарат. Доколку регистрираните трговци ја затворат тезгата, може да им го вратат апаратот на организаторите, по што во целост ќе им биде вратен авансот. Но, идејата за најмување на фискалните апарати не наиде на подршка од пазарџиите, ниту, пак, од нивното здружение, кои наместо фискализација, бараат плаќање годишен паушал. Според организаторот на пазарот во Велес Љупчо Лазески, тезгаџиите се загрозени од дивите препродавачи. „Пазарџиите кои се во пазарот дури и да сакаат да се фискализираат, многу ги иритираат дивите продавачи околу пазарите кои немаат ниту фирми, ниту каси, ниту некому нешто плаќаат“, посочи Лазески, додавајќи дека за проблемот активно се дискутира на состаноците помеѓу организаторите на пазарите, но надлежните малку обрнуваат внимание на овој проблем.
Организаторите бараат средба со претставници од Владата и надлежните министерства за да ги запознаат со проблемите на терен. Според процените на групацијата на пазарите, во Македонија има околу 35.000 тезгаџии кои живеат од зелените пазари. |