И Русите ги откажуваат инвестициите
Компанијата „Мечел“ го одложи купувањето на „Силика“
Соња Маџовска
Покрај откажувањето на поголем број планирани странски инвестиции во земјава поради кризата, и Русите најавуваат намалување, односно стопирање на планираните инвестиции.
Една од најголемите руски инвестиции во земјава - „Лукоил“ минатата недела од централата во Москва соопшти дека во наредните две години одредени планирани проекти во странство ќе бидат откажани поради немање пари. Од претставништвото во Скопје засега не коментираат ништо околу овие најави. Директорот Андреј Михајлович Куку веќе две недели е на пат, па никој друг не може да информира дали конкретно планираните инвестиции за Македонија ќе претрпат промени и ќе бидат намалени.
Од руската амбасада во земјава потврдуваат дека поради кризата ќе бидат стопирани повеќе планирани инвестиции. Руската компанија „Мечел“ од металуршкиот сектор, која била заинтересирана за влез на македонскиот пазар и сакала да ја купи домашната компанија „Силика“, веќе ја стопирала планираната инвестиција за некои подобри времиња, особено поради тоа што металургијата е една од гранките што трпи најголеми загуби во последниве месеци поради кризата, а најстрашното се очекува дури наредната година.
Од руската амбасада велат дека се' уште е неизвесно и како ќе се реши клириншкиот долг меѓу Македонија и Русија, во чии рамки влегува гасоводот. „’Гаспром‘ со години е подготвен за соработка, но се' уште не е решено прашањето за клириншкиот долг. Сега се одвива преписката. Топката е на руска страна, бидејќи вашата влада испрати став околу решавање на ова прашање. Очекуваме и нашата влада брзо да го стори тоа“, изјави Александар Леисин од руската амбасада во земјава. Тој смета дека за поинтензивна македонско-руска соработка се потребни контакти и добра меѓувладина координација. „Веќе подолго време не се успева да се закаже состанок на меѓувладината комисија. Двапати се одложува. На тој состанок треба да се разговара не само за клириншкиот долг туку и за вкупната надворешнотрговска размена. Македонија има огромен дефицит во размената со Русија поради увоз на енергенси. Сакаме стока од Македонија да оди за Русија, но за тоа е потребна координација“, вели Леисин.
Од Владата не коментираат, ниту откриваат кој е одговорот испратен до руската страна за решавање на прашањето со клириншкиот долг.
Инаку, вкупната размена меѓу Македонија и Русија годинава за периодот јануари - октомври годинава изнесува 898 милиони долари, а од нив само 24 милиони долари отпаѓаат на извоз од земјава на рускиот пазар, а увозот достигнал дури 874 милиони долари, најмногу поради увезните енергенси. Земјава бележи огромен дефицит во размената со Русија и покриеноста на увозот со извозот е 2,8 проценти.
Вкупната размена минатата година изнесувала 666 милиони долари, исто така со огромен дефицит на наша страна поради увезена стока вредна 643 милиони долари, а извозот е минимален, само 23 милиони долари вкупно македонски производи се нашле на рускиот пазар.
Што се однесува до најголемата руска инвестиција во Македонија - „Лукоил“, иако засега не коментираат околу можните промени на инвестициските планови за наредната година, неодамна од седиштето во Софија порачаа дека доколку продолжи глобалната економска криза, постои опасност обемот на инвестициите во регионот да се намалат и за 40 проценти. Тоа е според најцрната прогноза на руската компанија, од вкупно трите сценарија што би можеле да произлезат како последица на кризата.
Инаку, досегашната вкупна инвестиција на „Лукоил Македонија“ во земјава изнесува 12,2 милиона евра. Главната забелешка зошто обемот на инвестиции им е многу помал во Македонија во споредба со соседните држави е тоа што во земјава се' уште има монополи од типот на „Окта“, која има доминација на пазарот со продажба на нафтени деривати. |