Славните личности во поход на Вимблдон
На трибините досега можеа да се видат сопругата на принцот Чарлс, Камила, Дијана Рос, Ким Катрал
Настрана хероите и идолите на теренот, патувањето до Вимблдон за љубителите на тенисот и за папараците е можност да сретнат или да видат во живо славни личности надвор од овој спорт како уживаат во животот на висока нога. Само четири дена поминаа од почетокот на турнирот, а редица познати лица веќе продефилираа на Гренд-с��ем турнирот на трева и покрај дождливото време во Лондон. Елеганцијата и историјата на турнирот, едноставно, е магнет за посетителите од висока класа.
Дијана Рос ги местеше очилата за сонце додека темен облак го надвисна Вимблдон кога актерката Ким Катрал од „Сексот и градот“ пристигнуваше за да ја гледа Венус Вилијамс и нејзиниот забележителен бел комплет, кој не би би бодел очи само во некој бар во Менхетен.
Камила, војвотката од Корвол и сопруга на британскиот принц Чарлс, беше единствен претставник на кралското семејство досега виден во кралската ложа на Централниот терен, чии ексклузивни седишта инаку се пополнети, на пример, од членовите на англискиот тим во крикет.
„Убав ден во Вимблдон. Федерер беше во добра форма. Седиштата во кралската ложа се многу удобни, но тоа не значи дека веќе сум прогласен за витез“, напиша на „Твитер“ англискиот играч на крикет Грем Свон откако, без сомнение, уживал во неизбежните јаготки со шлаг.
Неговиот тимски колега Кевин Питерсен, облечен во „врескава“ маичка што конзервативниот клуб „Ол Ингланд“ сигурно не би му дозволил да ја носи на некој од играчите на терен, беше придружуван од својата сопруга, поп-ѕвездата Џесика Тејлор.
Поранешниот селектор на Англија кога го освои Светскиот куп во рагби, Клајв Вудворд, исто така е виден како ужива во гостопримството на Вимблдон заедно со врвниот комичар Мајкл Мекинтајр.
Уште многу други „селебрити“ личности се очекува да го посетат двонеделниот турнир, а покривот на Централниот терен подразбира дека тие сега ќе можат слободно да се истопорат пред камерите, сеедно дали врне или е сончево.
Ѓорческа во второто коло во Ниш
По успешно поминатите квалификации, најдобрата македонска јуниорка Лина Ѓорческа со успех стартуваше и на главниот ИТФ-турнир во Ниш, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 10.000 долари. Шеснаесетгодишната тетовка славеше со 6-3, 6-2 против Катарина Негрин од Австрија, која неделава е 796. на ВТА-листата. Противничка на Ѓорческа во второто коло ќе и' биде домашната квалификантка Ема Полиќ, која ја елиминира втората носителка Изабела Шиникова (515.) од Бугарија со 0-6, 6-2, 6-3. (Р.Д.) |