Град Скопје со инфузија од 250.000 евра за црвено-црните
Клубот ќе добие 15 милиони денари со ребалансот на буџетот на 7 јули
Миодраг Мицковиќ
Комисијата за спорт при Советот на град Скопје донесе одлука да се одделат 15 милиони денари (околу 250.000 евра) за „спас и ревитализација на фудбалскиот клуб Вардар“. Парите ќе бидат обезбедени со ребаланс на градскиот буџет на седницата на Советот што ќе се одржи на 7 јули.
Потегот на главниот град, кој пред неколку дена го презеде раководењето на најтрофејниот македонски фудбалски колектив, е првиот конкретен доказ за големите напори што се вложуваат за Вардар час поскоро да заживее. Паралелно се прават напори и клубот, сепак, да се задржи во прволигашкото друштво преку фузија со друг клуб или, пак, со помош на Фудбалската федерација на Македонија во случај некој од сегашните членови на Првата лига да не ги исполни условите за настап во елитата.
Меѓутоа, без оглед на сите напори, Вардар дебело доцни во подготовките за новата сезона, во која уште неколку дена нема да се знае дали ќе настапува во Првата или Втората лига. Не се конституирани клучните органи во клубот, не се избрани директор и генерален секретар, а, што е уште позначајно, не се знае ни кој ќе биде шеф на Стручниот штаб. Во дневниот печат се калкулира со името на поранешниот успешен тренер на ексшампионот Македонија Ѓорче Петров, Илчо Ѓорѓиоски, но тој, како што не' извести, во текот на вчерашниот ден се' уште немаше никаква официјална понуда од Вардар да биде на неговото кормило во новата сезона.
„Јас сум подготвен да го преземам Вардар, но јас за тоа не одлучувам. Слушам дека се разговара и со некои други тренери, но, што е најлошо, времето минува. Вардар до денес нема одржано ниту еден тренинг, ниту, пак, се знае со кои играчи ќе настапува во новата сезона. Се спомнуваат звучни имиња, како Баевски, Васовски... Добро ќе биде доколку тие бидат ангажирани, но засега се' е статус кво“, вели Ѓорѓиоски.
Вардар се' уште нема ниту свои простории, официјална канцеларија. Во Централен регистар е запишана неговата нова адреса на булевар „Илинден“ бб, која е и адреса на Советот на град Скопје. Дознаваме дека клубот ќе добие нови простории под Северната трибина на стадионот „Филип Втори“, кои се подготвуваат. Сите пехари и трофеи, потоа и комплетната документација е веќе преземена од претходното раководство.
Клубот меѓу првите го напуштија Бразилците Вандаир, Фабио, Нене и Карлос Алберто, а ќе си заминат, веројатно, и странците Раденко Бојовиќ и Христијан Синковиќ, бидејќи во Втора лига не е дозволено да играат странски фудбалери, се разбира, доколку Вардар игра во неа. Впрочем, и да сака некој да потпише за Вардар, во овој момент тешко е тоа да го направи се' додека не се конституираат клучните органи во клубот. Ниту, пак, некој може да замине, бидејќи нема кој да ги потпише исписниците. |