Вардар, сепак, останува прволигаш!
ФФМ согласен со замената на местата со Миравци преку легална правна процедура што ја применија Брегалница од Штип и Алумина во 2008 година
Сашко Ѓ. Димовски
Вардар останува во Прва лига, а Миравци во Втора. Ваква вест вчера беше лансирана во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), и тоа лично од нејзиниот претседател Харалампие Хаџи-Ристески, за која не добивме ниту потврда ниту демант во двата клуба. Новиот претседател на црвено-црните, Зоран Шишковски, не одговараше на телефонските повици во текот на вчерашниот ден, а првиот човек на Миравци, Васе Штерјов, не сакаше многу да говори околу тоа.
„Не можам ни да потврдам ни да демантирам такво нешто. Не сум присуствувал на состанок во Скопје на кој е кажано тоа. Затоа и не можам да коментирам. Можам да кажам дека се' уште нема ништо официјално во врска со фузијата со Вардар“, ни рече Штерјов.
Добро упатените во фудбалските текови во земјава велат дека фузијата меѓу Вардар и Миравци е договорена пред пет-шест дена, но тоа се криеше од јавноста. Дури и регистрациите се завршена работа, документацијата е комплетираната и доставена до ФФМ, а ќе следува и нејзино објавување во службеното гласило на Федерацијата, „Мак-фудбал“.
„Ние како Фудбалска федерација ќе дадеме согласност. Важно ни е се' да биде според Статутот и да не се кршат правилниците и актите“, порача вчера Хаџи-Ристески.
Како е дојдено до тоа или, ако веќе не е се' уште, како ќе се дојде до вакво соломонско решение? - Се регистрираат два нови правни субјекта: едниот Вардар 2011, другиот Миравци 2011. Новиот субјект на Вардар потоа се спојува со стариот на Миравци што обезбеди настап во Прва лига и останува во неа, а новиот субјект на Миравци се припојува кон стариот на Вардар, кој се пресели во второлигашката конкуренција. Така, вардарци остануваат да играат прволигашки фудбал, а Миравци и во наредната сезона ќе се обиде да го повтори успехот од оваа и повторно да стане дел од елитата. Новина во обете екипи, веројатно, ќе биде додавката 2011.
Според експерти што ги консултиравме, ваквиот епилог е правно издржан, но не е етички. Во шега велат дека Вардар вака може експресно да дотурка до квалификациите за Лигата на шампионите ако некому му падне на памет црвено-црните сега да ги спои со Шкендија! |