Иванковиќ повторно кандидат за селектор
Бранко Иванковиќ повторно влегува во игра за македонски селектор по разрешувањето на досегашниот, Мирсад Јонуз, која седеше на националната клупа во изминатите две години. Хрватот, кој пред две години допатува во Скопје на средба со Хаџи-Ристески, е меѓу првите што испрати своја биографија до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и повторно е во очекување на повик за нов разговор со нејзиното раководството.
Понуди за наследници на Јонуз има десетици од речиси секаде. Кој ќе добие доверба ��а ја води репрезентацијата до крајот на квалификациите за ЕП 2012 во Полска и Украина плус оние за СП 2014 во Бразил ќе се знае за најдоцна еден месец. Хаџи-Ристески не сака да лицитира со имиња. Само вели дека ќе се разговара и со домашни тренерски имиња, потенцијални селектори. Еден од нив е Ѓоко Хаџиевски, потоа Чедомир Јаневски, Бобан Бабунски, Ѓоре Јовановски, Илчо Ѓорѓиоски.
„Другата недела ќе се зафатиме со таа работа. Нема потреба од брзање, до пријателскиот меч со Азербејџан има време. Веќе се пријавија многу кандидати, меѓу нив и звучни имиња, за кои не сакам да говорам сега. Прво ќе се консултирам со членовите на Управниот одбор за утврдување на условите и критериумите за избор на нов селектор по што ќе следуваат поединечни разговори со кандидатите за кои сметаме дека ја заслужуваат нашата доверба“, рече Харалампие Хаџи-Ристески, претседател на ФФМ. (С.Д.) |