Металург против Иври, Пелистер со Реале Адемар
И двете македонски екипи во третото коло на Купот на ЕХФ во првиот меч се домаќини
Македонскиот ракометен првак Металург го доби француски Иври, а Пелистер ќе игра со Реале Адемар од Шпанија во третото коло на Купот на ЕХФ. Според вчерашната ждрепка во Виена, и двата претставника од Македонија ќе бидат домаќини во првиот натпревар на 20/21 ноември.
По елиминацијата на Мешков Брест, Металург наиде на противник со сличен квалитет на белорускиот вицешампион. Иври не е клуб на нивото на Монпелје или Шамбери, за што зборува и шестото место по првите четири кола во француското првенство, во кои има само една победа, и тоа минимална од 29:28 против Ним, а испадна и на стартот од Лига купот во двомечот со Тулуз. Најдобар играч на црвено-црните е десното крило Оливие Мару, а дресот на триколорите повремено го носи и средниот бек Фабрис Жилбер. Во составот на тренерот Паскал Леандри има четворица интернационалци, и тоа двајца Срби - пикерот Вељко Инѓиќ и голманот Немања Марјановиќ, како и десните бекови Висем Буснина од Тунис и Ондреј Шулц од Чешка.
Во својата 60-годишна историја клубот има осум титули првак на Франција, последната во 2007, како и еден национален Куп, а на европската сцена најдалеку дотуркал до полуфиналето во КПК 1997 и во Челинџ купот 2002. За Иври имаат играно Русите Андреј Лавров и Василиј Кудинов и Хрватот Ирфан Смајлагиќ.
Иври се има сретнато со две македонски екипи во еврокуповите, со различен успех. Во третото коло на КПК во сезоната 2006/2007 беше елиминиран од Вардар, а десет години претходно го помина Младост од Богданци во четврт-финалето на истото натпреварување.
За разлика од Иври, Реале Адемар е еден од шпанските ракометни гиганти, со трофеи од КПК во 1999 и во 2005, финалист во тој куп во 2001 и во 2007, шампион на Шпанија во 2001, освоен Куп на кралот во 2002, а Лига купот во 1999 и во 2009. Клубот од Леон по пет одиграни кола во шпанската лига Асобал го дели првото место со Сиудад Реал и со Барселона, а во Купот на ЕХФ се најде по неуспехот на квалификацискиот турнир во Карлсруе за Лигата на шампионите, во конкуренција на Рајн Некар, на Силкеборг и на Горење.
Во „казнената експедиција“ на Жорди Рибера главни виолини се левото крило Мартин Страновски од Словачка и двајцата Хрвати, голманот Венио Лосерт и десниот бек Денис Бунтиќ. Тука се и двајцата Руси, левиот бек Данил Чернов и 39-годишното десно крило Денис Кривошликов, а колонијата странци ја заокружуваат средниот бек Далибор Чутура од Србија и десното крило Рикардо Мартинс од Португалија.
Реале Адемар во три наврата во еврокуповите наидувал на Вардар и секогаш бил поуспешен - во полуфиналето на КПК 1999, како и во групите од ЛШ во 2007/2008 и во минатата сезона. Вардарци славеа само во првиот судир во рамките на ЛШ, и тоа со 29:28 во Скопје. (Р.Д.) |