Коњичкиот Куп на Македонија во знак на Димитров
Трајче Димитров од коњичкиот клуб Вивакс е апсолутен победник на „Октомврискиот коњички турнир“, воедно и Куп на Македонија во прескокнување пречки, одржан на државниот празник 11 Октомври. Во натпреварот во лесна категорија Димитров беше прв со грлото Лакапо и втор со Скипер, третото место му припадна на Круме Наумовски од клубот Процес со грлото Селена, а во конкуренција на деца победи Андреј Мишев од Илинден со Дама.
Димитров триумфира и во средна категорија, каде што го подели првото место со грлата Лакапо и Скипер, а трет беше Самир Реџепи од Тристар со Ролекс.
Купот го организира Клубот за коњички спорт Илинден од Скопје на хиподромот во Маџари. Пречките беа поставени на висина од 1 до 1,35 метри.
Во рамките на турнирот се одржа и ревијален натпревар за млади јавачи, на кој настапија петмина натпреварувачи. |