20.03.2012, 17:36 Опозицијата се собра кај Црвенковски
Лидерите на опозицискиот фронт изразиле подготвеност за соработка со сите партии и организации што не се согласуваат со владините политики
Претседателите на петнаесетина партии, партнери на СДСМ, се собраа вчера на „Бихаќска“, на редовна координ��ција за идните активности на опозицијата. Средбата се реализира во термин кога се актуелизира идејата за окрупнување на опозицискиот фронт, на кој во наредниот период би можеле да му се приклучат и други политички субјекти и организации. Таква можност веќе навестија ВМРО-НП и ЛДП, чии лидери, Љупчо Георгиевски и Андреј Жерновски, минатата недела постигнаа договор за меѓусебна соработка.
Лидерите на партиите од опозицискиот фронт, на вчерашната средба, изразиле подготвеност за соработка со сите политички партии и општествени чинители кои не се согласуваат со владините политики.
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, им беше домаќин на челниците на партиите со кои ја водеше кампањата за предвремените парламентарни избори минатата година, меѓу нив и парламентарните НСДП, ЛП, ПЕИ... На средбата и' претходеа најави за понагласен опозициски притисок врз власта, во очекување на самитот на НАТО во Чикаго и пред локалните избори, во почетокот на 2013.
Според соопштението по средбата, констатирани се: лоша социоекономска состојба во земјата, загрозување на слободата и демократијата, уназадување на евроатлантските интеграции и особено влошување на меѓуетничките односи. Лидерите на опозицијата заклучиле дека генералните политики на оваа власт ја носат земјата во погрешен правец. Тие се согласиле дека „чекорите кои ги презема Владата го нарушуваат севкупниот амбиент во земјата и доведуваат до продлабочување на проблемите, чии последици допрва ќе се чувствуваат“. (А.М.М.) |