20.03.2012, 17:35 Грција не заборава на „ерга омнес“
Атина не е изненадена ни вознемирена од успехот на Ричард Ховит да го вметне „македонскиот јазик“ во извештајот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина – Ричард Ховит успеа да ја протне критиката за изоставување на придавката „м��кедонски“ во Европската Комисија, но прашање е колку тоа може да влијае на конечната одлука на Советот и колку воопшто би можело да ја оспори грчката позиција за ерга омнес употреба на името. Ховит на минатонеделната расправа во ЕП за извештајот за Македонија ја доби поддршката на мнозинството од пратениците, но на големо противење и контрааргументи од страна на грчките и бугарските пратеници.
Ваквиот став на Европскиот парламент, според грчките аналитичари, сепак не е никакво изненадување. Професорот по меѓународно право, Аристотелис Тсиамбирис оценува дека со години европарламентарците имаат ставови кои не се секогаш во иста линија со грчките позиции.
„Веќе неколку години позициите на ЕП не се согласуваат со позицијата на грчката влада. Ова би можело да се види како проблематично за Грција, затоа што до некаде Парламентот има влијание на јавното мислење, но институционално гледано ова не е телото кое ги носи одлуките. За разлика од нашите држави, во ЕУ главните одлуки ги носи Советот“, вели Тсиамбирис. Професорот потсетува дека последната одлука на Советот за Македонија од декември 2011 останува иста како и претходните години, односно за нашата препорака да се расправа по шест месеци во рамки на данското претседателство.
„Ова беше одлуката на министерскиот совет по пресудата од Хаг“, потенцира Тсиамбирис, додавајќи дека иако Парламентот дава мислење и сугестии, сепак ставот на Советот останува непроменет по ова прашање.
Позицијата на Ховит за слободно користење на придавката македонски за јазикот, културата, идентитетот сепак беше видено како удар на грчката позиција за ерга омнес употреба на името. Иако според резолуцијата на ОН јасно е прецизирано дека преговорите за името се однесуваат само на наоѓање компромисно име, сепак грчкиот став за ерга омнес постојано ја отвара дебатата кои други елементи ќе бидат засегнати со новото име.
„Со години спорот за името го монополизира само една тема односно кое ќе биде името. Тука лежи целиот интерес и на медиумите и на политичарите. Меѓутоа ако ги погледнеме сите предлози досега ќе утврдиме дека компромисниот договор за кој се дискутира не е само една фраза предлог за името на државата, туку е предлог од неколку страници. Предлогот за кој се разговара опфаќа поширок дијапазон на теми. Името е клучот кој ќе го отклучи решението и за многу други теми“, оценува Тсиамбирис. Додава дека е јасно дека грчката црвена линија е само за името, но во последните години паралелно со името се преговара и за други теми од билатерален и регионален интерес.
Аналитичарот на ЕЛИАМЕП, Јоргос Ѕогопулос коментира дека прашањето дали ерга омнес ќе се однесува и на јазикот, културата и идентитетот е едно од најкомплексните прашања. Според него едно е името на државата, а друго како ќе се нарекуваат јазикот, националноста, и смета дека е тешко Грција да се обиде да ја наметне својата позиција и црвена линија за името и за овие прашања. Како што потенцира Ѕогопулост, практично е тешко да се наметне пакет за името кој ќе им наметне на граѓаните правила како да се нарекуваат и како да го нарекуваат јазикот или културата.
Независно од повремените шпекулации за инстант решавање на името пред НАТО самитот во Чикаго во мај, грчките аналитичари се песимисти и забележуваат дека спорот за името ќе потрае уште неколку години. Според професорот Тсиамбирис не е можно да има решение пред грчките избори. Моментално во Грција се разгоруваат предизборните страсти, а резултатите од предизборните анкети иако се наклонети кон десничарската Нова демократија, сепак не покажуваат дека партијата која ќе победи ќе успее сама да формира влада.
„Политичките услови за решавање на спорот се отежнати, не се како што беа пред неколку години. Неколку години претходно можеби и имаше некаква подготвеност да се преговара за ерга омнес условот, но работите се изменети. Сега имаме нови моменти, има економска криза и политичка нестабилност во државата и потешко е да се донесе политички одлука за спорот за името“, вели Тсиамбирис.
Според проценките на грчките аналитичари, треба да се земе предвид и фактот дека лидер на десничарите кои водат во рејтинзите е Адонис Самарас, за кој во Грција се говори дека својата кариера ја изгради на спорот за името , па поради тоа многу тешко е да се замисли дека Грција со него како потенцијален премиер би се откажала од идејата за ерга омнес решение за спорот. |