20.03.2012, 17:40 Лустраторите ја чекаат со скрстени раце одлуката на Уставен
Уставните судии ќе пресечат кон крајот на март или во почетокот на април
Гордана Дувњак
Во очекување на одлуката на Уставниот суд, лустраторите се занимаваат главно со технички работи, б��дејќи не се примаат нови изјави. Примената на привремената мерка им ги врза рацете и ги стопираше сите натамошни активности поврзани околу проверката на изјавите што ги поднесуваат поранешните и идни функционери, како и кандидати за јавни функции.
Кога ќе пресечат уставните судии, може само да се претпоставува. Оваа точка ја нема на агендата на утрешната седница, чиј дневен ред е утврден уште кон крајот на минатата недела. Според досегашната пракса на работа на Уставниот суд, најчесто мериторно се одлучуваше во рок од два месеца од поведувањето постапка за оцена на уставноста и законитоста. Оттаму, со оглед на тоа што постапката беше поведена на 25 јануари (а една недела подоцна утврден и конечниот текст на привремената мерка), логично е да се очекува дека кон крајот на овој месец или во почетокот на следниот ќе биде донесена одлука. Засега е неизвесно кога ќе се најде на расправа пред Судот вториот предмет за лустрација, во кој се споени двете иницијативи од понов датум, а за кои судија известител е уставниот судија во заминување д-р Зоран Сулејманов.
Првиот човек на Комисијата за верифицирање на фактите, Томе Аџиев, вели дека ја чекаат одлуката на Уставниот суд, која ќе ја почитуваат. Пред еден месец до Собранието го поднеле најновиот, шести по ред извештај за нивната работа, кој се однесува на перидот од 15 јули 2011 година до 15 јануари оваа година. Не знае дали пратениците ќе го разгледуваат или ќе служи за нивно информирање, бидејќи текстот е веќе поставен на официјалната веб-страница на највисокиот законодавен дом.
„Ја почитуваме привремената мерка на Судот и не примаме нови изјави. Од она што можевме да го видиме од оспорените одредби, доколку се интервенира во сите овие одредби, посебно во член 2, ќе се суспендира целиот закон во целина и тој ќе стане беспредметен“, нагласува Аџиев. Тој смета дека е сосема разбирливо, Собранието да ги следи ваквите промени и да интервенира со нов текст или со законски измени.
Во последниот извештај, лустраторите констатирале дека имаат зголемен обем на работа, споредено со претходниот период. Но, и дека расте свеста кај оние што се обврзани по закон за поднесување изјави за верификување на фактите.
Инаку, Комисијата за верификација на фактите до сега вкупно (заедно со изјавите во овој извештаен период) има верифицирано вкупно 2.939 изјави. Од нив 2.272 изјави на носители на јавна функција, 638 изјави на кандидати за носители на јавна функција и 29 изјави на лица кои биле носители на јавна функција, а кои не се починати.
Во извештајниот период се верифицирани вкупно 345 изјави, а од нив 123 се изјави на носители на јавна функција и 222 изјави на кандидати за носители на јавна функција.
Комисијата има доставено 568 барања до надлежните институции за проверка на 3.718 лица.
Што се однесува до новото законско решение што се крчка, се дознава дека тоа ќе биде далеку построго од актуелното кое е под блокада на Уставниот суд. Новиот закон, како што се тврди, ќе овозможи лустрацијата да се одвива пред очите на јавноста. Тоа би значело лустраторите да можат јавно да ги отвораат досиејата на кодошите доколку тие се спротивстават на нивното првично решение. Информациите говорат дека во новата верзија ќе се најде и решение за опсегот на лустрацијата, кој сега е спорен за Уставниот суд. Ќе се бара поранешните функционери повторно да бидат опфатени, а да се проверува минатото и по осамостојувањето на Македонија. |