Американската амбасада во Скопје ги отвори портите
Од највисокиот дел на Калето, Скопје се гледа како на дланка
Даниела Трпчевска
Повеќе од 1.200 гости завчеравечер присуствуваа на големото отворање на новата американска Амбасада, која се протега на 11 хектари во близина на скопското Кале. Пред главната зграда на комплексот се вееја 50 знамиња, а за безбедноста на вип-личностите се грижеше големо полициско обезбедување и хеликоптери кои со часови надлетуваа над Скопје.
Претставници на државниот врв, дипломатскиот кор, видни личности од политичкиот живот и бизнис-елитата, личности од естрадата, верските заедници и медиумите присуствуваа на прославата на Денот на американската независност, 4 јули, кој беше искористен и како можност за прво јавно презентирање на импозантната градба во близина на скопското Кале. Меѓу гостите можеа да се забележат и Љубе Бошкоски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кои се на црната листа на непожелни лица на кои им е забранет влез во САД.
На свеченоста која беше организирана на отворено, на највисоката точка на ридот кај Калето, од која се укажува поглед на градот, американскиот амбасадор, Филип Рикер, ја повтори определбата на САД да останат стратешки партнер на Македонија.
„САД е вистински и искрен пријател на македонскиот народ. Ние долго го поддржуваме демократскиот и економскиот напредок на Македонија и ќе го продолжиме нашето партнерство, со цел да се постигне евроатлантска интеграција“, рече Рикер, додавајќи дека од независноста на Македонија до денес, САД овде инвестирале повеќе од една милијарда долари.
„Америка се гордее со пријателството и со партнерството со Македонија. Со отворено срце ја прифаќаме можноста да работиме заедно за да обезбедиме подобра иднина“, порача Рикер.
Новата Амбасада, која со години наназад предизвикуваше голем интерес во јавноста, но и полемики околу просторот на кој се гради, е составена од осум објекти, од кои централното место го има главната зграда, во која се сместени канцелариите на амбасадорот и администрацијата, како и прес-салата во која се одржуваат средби со новинарите. Сепак, за посетителите најинтересен е атриумот, кој според дизајнот потсетува на галерија, каде што се изложени уметнички дека на македонски и на американски автори. Надлежните во Амбасадата размислуваат во иднина овој простор да заживее и во него редовно да се одржуваат изложби на познати уметници.
Покрај главната зграда, комплексот е составен и од простории во кои се сместени американските маринци, потоа кафетерија, складишта, административни простории, како и помошни простории за вработените во Амбасадата. Движењето низ комплексот е строго ограничено поради безбедносни причини.
Во јавноста беа објавени бројни шпекулации дека станува збор за втора по големина амбасада во светот, која има неколку ката под земја, но надлежните не можеа да ги потврдат ваквите информации. Лидија Муниз, заменик- директор на канцеларијата со Стејт департмент, одговорна за градење амбасади на САД во светот, вели дека не верува оти Амбасадата е меѓу најголемите кои досега се изградени, но дека станува збор за импозантен објект, кој е од големо значење за продлабочувањето на соработката меѓу двете земји.
Комплексот, кој е составен од десет целини, патеки и големи тревни површини, повеќе од две години ги градеше американската фирма „Келог Браун и Рут сервиси”. Според купопродажниот договор, кој беше склучен во 2005 година, Американците го купија земјиштето за околу 2,5 милиони евра. Комплексот не е проектиран да биде објект во кој ќе живеат дипломатите назначени во Македонија. |