Ако нема евтин лет од „Александар“, има преку Софија

Патувањата во сопствена режија со нискобуџетните компании годинава се уште попопуларни
Миркица Поповиќ
Биометриските пасоши, сепак, нема да фатат прашина. Евтините летови кои ги нема на скопскиот аеродром „Александар Велики“, голем дел од младите ги најдоа на софискиот. За цени од 25 до 50 евра за повратен билет со вклучени аеродромски такси, голем дел од нив летово ќе се упатат кон Италија, Шпанија, Франција и Германија, токму преку Софија. Ентузијазмот за патување кој до јануари беше затајуван поради проблемите на некои од граѓаните да добијат шенген-виза, се чини, полека почнува да се ослободува со отворањето на летната сезона.
Патување во сопствена режија со летовите на нискобуџетните авиокомпании како што се „Еasyjet“,„Wizzair“ и „Ryanair“ годинава станаа уште попопуларен избор на младите во државава. Трикот за резервирање авиобилети и хостел еден до два месеца однапред веќе им е познат на повеќето, па доколку имаат биометриски пасош, им останува уште да го направат својот распоред за патување според обврските на работното место и факултетот.
„Минатата година друштво од дестина мои пријатели заминаа на летување авионски од Софија за Италија и авио билетите не ги чинеа повеќе од 30 евра. Беа задоволни од услугите на авиокоманијата, па тоа беше поттик годинава заедно со неколку пријатели да се одлучиме на истиот чекор. Резервиравме карти во мај, а заминуваме за Италија во средината на јули. Повратна карта не' чини 20 евра и дополнително уште 5 евра за багаж, со вклучени аеродромски такси“, вели 21-годишната Ана од Скопје.
Имено, преку Софија се наоѓаат евтини карти до Лондон, Милано, Берлин, Брисел, Барселона, Валенсија, Манчестер, Париз, Рим, Болоња, од каде што патниците потоа преку други економични компании може да се поврзат и со друга европска дестинација. Резервирањето однапред помага и за наоѓање на најевтиниот лет во тој период или, уште подобро, поврзување на неколку локации. Доколку сте веќе во Италија од таму би можеле да најдете уште поевтин лет за Шпанија или, пак, ако сте во Берлин може да најдете лет до Копенхаген за само 11 евра. Дополнителен патен трошок е превозот до Софија, но и тоа не големо оптоварување на буџетот, бидејќи поголеми групи патници помалку плаќаат за транспорт до Софија со комбе, автобус или приватно такси од Скопје или, пак, од Крива Паланка. Заедно со превозот до Софија, цената за патувањето може да биде околу 70-90 евра, што е поисплатлива опција ако се земе предвид дека толку чинат поевтините билети во еден правец од Скопје до некој од европските градови.
Желбата за патување подалеку од границите на Балканот, што е најчеста практика и економски најповолна опција за најголемиот дел наши граѓани, и' пркоси на теоријата дека во Македонија нема доволен број патници што користат авионски услуги. Со години основното објаснување зошто кај нас се' уште нема договор за летови преку поекономичните компании е малиот број патници. Малиот македонски пазар се' уште не е предизвик, ниту, пак, нуди финансиски потенцијал за компаниите. Сепак, се' додека не се појават вакви летови, цената на авиобилетите од Скопје и Охрид тешко дека ќе придонесе за зголемување на бројката на патници. |