Кој не дава да поевтини зелениот картон?

Ако Министерството за финансии се реши да го сведе на 10 евра, додека се регулира тоа и законски, ќе помине и ова лето
Соња Маџовска
Кој не дава да поевтини зелениот картон, Владата или осигурителниот бизнис? Додека граѓаните чекаат и се надеваат, особено сега во почетокот на летната туристичка сезона дека ќе патуваат во странство плаќајќи само 10 евра за зелен картон како и сите други наши соседи, Министерството за финансии тактизира. Во ова Министерство веќе една година се прави анализа како да поевтини зелениот картон и никако да се најде решение. Зошто на никого не му е јасно, ако се земе предвид дека само во Македонија, Албанија и Турција се плаќа одделно зелениот картон, надвор од премијата за автоодговорност. И додека кај соседите, годишниот зелен картон е околу 10 евра, во земјава тој изнесува од 40 евра за еден месец, до 160 евра за една година.
Очигледно, осигурителниот бизнис си ги штити своите интереси и нивното оправдување за високата цена е тоа што мал број автомобили патувале надвор од земјава. Но, тоа што осигурителните компании сакаат да се заштитат е една работа, но работа на државата е да ги заштити интересите на граѓаните.
Од Министерството за финансии вчера ни изјавија дека немаат коментар на прашањето кој не дава да поевтини зелениот картон и зошто државата би ги штитела интересите на осигурителните компании, а не на граѓаните?
А токму од партијата на власт, која се квалификува како народна, се очекуваа вакви потези кои се во интерес на граѓаните, дотолку повеќе што од овој тип осигурување, пари не се слеваат во буџетот. Средствата што ги плаќаат граѓаните за зелен картон исклучиво одат кај осигурителните компании.
Единствено објаснување за постојаното одложување за поевитувањето на зелениот картон може да биде тоа што условот што го поставуваат осигурителните компании е да дојде до негово спојување со премијата од автоодговорност. Само во тој случај тие би се согласиле цената за зелениот картон да биде 10 евра. Тогаш сите граѓани при регистрацијата на своите автомобили ќе треба да плаќаат плус уште десет евра.
Според информации од Националното биро за осигурување, заклучно со мај биле издадени 32.000 зелени картони. Ако се земе најниската цена на оваа осигурителна премија за еден месец од 2.500 денари или 40 евра, тогаш излегува дека кај осигурителниот бизнис само по основа на зелениот картон се слеале најмалку 1,3 милиони евра. Во првите пет месеци од годинава во однос на истиот период лани, само во мај поради празниците биле издадени повеќе, и тоа за 1.000 зелени картони, додека другите четири месеци биле послаби од ланските.
Во 2009 година се продале 97.000 зелени картони, а од нив, исто ако се земе најниската цена, излегува дека само од овој тип осигурување компаниите инкасирале повеќе од 4 милиони евра.
Инаку, пред секој празник, а особено поради летните одмори, се' позачестени се прашањата на граѓаните што да прават и каков зелен картон да си набават. З�� нив сегашната цена за зелениот картон е превисока. Но, очигледно, и ова лето за одмор од десет дена ќе мора да платат зелен картон од 2.450 денари, кој, сепак, ќе им важи само еден месец, па така ако сакаат повторно да излезат од земјава, по истекот на зелениот картон, ќе мора да набават нов.
Дури и во најдобрата варијанта ако Министерството за финансии се реши да го сведе зелениот картон на 10 евра, додека тоа се регулира и законски, ќе помине и ова лето. |