Број 3295  вторник, 01 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

ЕВРОПА - БАЛКАН

Поле на висок ризик

Иван Торов

Со балканските идеолози „кризата која нема крај“ треба да се биде секогаш претпазлив

БЕЛГРАД - Балкан (засега) останува она што е и што беше во релативно долг историски период: подрачје на висок ризик, кое со својата непредвидливост речиси никого не остава рамнодушен. Ниту оние кои речиси се уверени дека на просторот, кој напросто се задушува во заемни атавизми и нерасчистени сметки, не може многу (добро) да направи, но ниту оние што веруваат дека историските и меѓународните околности во меѓувреме толку се променија што раскараните држави и народи, без разлика колку нивните политички елити, го сакаат тоа, не можат да останат настрана. На сите, всушност, им е заедничка загриженоста поради реалната опасност дека балканскиот конфликт - пред се', поради немањето посуптилна и попродуктивна евроамериканска стратегија - ќе им се оттргне од контрола и ќе ја премине критичната граница кога притаените и, помалку или повеќе, заткулисните спорови ќе добијат драматични размери.

Се', би се рекло, се одвива по системот топло-ладно. Оттука, веројатно, е и логично што во анализата на балканската реалност бележиме моменти на речиси несопирлив оптимизам, кој не' уверува дека битката за постабилен и помирен Балкан не е јалова и бесперспективна, за набрзо потоа сето тоа да падне во вода пред настаните кои зборуваат нешто сосема поинаку. Пред се', дека историски потврдената, а и денес актуелната депресивна реалност едноставно не дозволува да негувате преголема надеж дека, ете, балканското трагично минато, токму поради својата суровост и далекусежност во реперкусиите, ниту во еден облик не може да се повтори. Драматичните воени и националистички случувања од 1990-тите (а и малку потоа) на просторите на поранешна Југославија, чиишто последици и понатаму и тоа како се чувствуваат, па и (само)репродуцираат, се најдрастична опомена дека со балканските идеолози „кризата која нема крај“ треба да се биде секогаш претпазлив.

Мортон Абрамович, член на Меѓународната кризна група, поранешен американски дипломат, сега аналитичар во „Сенчери фондацијата“, многумина на Балканот не можат со очи да го видат, други, пак, го сметаат за еден од најугледните и најпризнати експерти за балканските прилики. Секој, секако, има свои причини и мотиви, па така и неговата најнова порака дека созреа времето за Балканот да се донесат „некои важни и крупни одлуки“ предизвика, најблаго речено, контроверзни реакции. Не поради тоа како тој го гледа расплетот на реалните и потенцијалните балкански кризни точки, Србија, Косово, Босна и Македонија, пред се' (што е, помалку или повеќе, познато, а и самиот не нуди „готови решенија“), колку поради фактот, на кој предупредува, дека секое понатамошно евроамериканско двоумење и потценување на балканските билатерални и регионални спорови би имало далекусежни последици. И за Балканот, кој би останал ��лепо црево на Европа, но и на поширок континентален план.

Завчерашниот судир меѓу Албанците и Србите на мостот кој спојува, поточно ја раздвојува северна (претежно српска) од јужна (албанска) Косовска Митровица поради „илегалните“ локални избори во државата Србија, ја покажува не само количината на обострана нервоза затоа што „работата со Косово“ не оди како што некој замислил, туку и степенот на конфузна политика на Европската унија, која се определи за тактиката на исчекување со самото тоа што на Косово му даде „надгледувана независност“, практично ја заврши својата задача. Всушност, сите три страни се во состојба на „вознемирувачка напнатост“. На Унијата, поради внатрешните поделби околу косовската независност, практично и' се врзани рацете и би била пресреќна кога Белград и Приштина би покажале поголема флексибилност во меѓусебната комуникација. Тоа, меѓутоа, нема да се случи, барем не додека Меѓународниот суд на правдата во Хаг не го соопшти (кон крајот на јули, како што се очекува) својот необврзувачки став за (само)прогласената косовска независност. Белград се надева дека пресудата ќе биде таква што ќе овозможи продолжување на статусните преговори, што не и' паѓа на Приштина напамет, сметајќи дека наскоро би можел да се деблокира трендот за понатамошна меѓународна верификација на косовската држава. Брисел, пак, искрено се надева дека пресудата од Хаг ќе биде доволно мотивирачка за Белград и Приштина, конечно, да почнат директни преговори за „техничките прашања“ во меѓусебните односи. Ако би се останало на тоа, јасно е дека и српско-албанскиот (косовски) конфликт би останал замрзнат на неодредено време, што, за волја на вистината, никому не би му одговарало. Ниту на Србија, чијшто пат во ЕУ, судејќи според се', пресудно ќе зависи од тоа како официјалната српска политика во иднина ќе се однесува кон Косово. Ниту на Косово, кое бара излез од моменталната релативна дипломатска блокада, а Брисел, пак, стравува дека пресудата на судот на правдата би дувала во ветар на српската процена дека статусните преговори се неминовни, без оглед што некои ги препознаваат не толку како желба на Белград по секоја цена да го врати загубениот суверенитет над косовската територија, колку во наводната амбиција на српската страна со одредени територијални разграничувања, односно приклучувања на северот на Косово кон Србија, да стави точка на оваа приказна. Други, пак, мислат дека Србија, преку Хаг, односно Косово, би испорачала и уште некои други барања. Пред се', можност Република Српска во БиХ да и' биде некој вид на територијална компензација за евентуално прифаќање на фактот дека Косово е дефинитивно изгубено.

За Брисел и Вашингтон, меѓутоа, секој облик за територијална поделба на Косово би бил, всушност, отворање на балканската Пандорина кутија. Логиката, примена во еден случај, би можела да се употреби и на поширок, регионален план. Дејтонска Босна практично би била ставена на барабан поради амбициите на Република Српска (и Милорад Додик) косовскиот рецепт (за поделба) да и' биде идеален алиби за подрастично дистанцирање, односно дури и напуштање на БиХ. Македонија, исто така, напоредно со ескалацијата на бесмислениот спор со Грција околу името на државата, поради кој моментно е пооддалечена од Европа отколку пред стекнувањето на статусот на кандидат, би се случило драматично обновување на албанските аспирации за федерализација (со други зборови, поделба) на државата, а ниту самата Србија не би била без искушенија затоа што се смета дека секоја помисла за поделба на Косово би покренала и прашања за статусот на југот на Србија, односно Прешево, Бујановац и, можеби, Медвеѓе.

И покрај се', голем број експерти кои се занимаваат со балканската проблематика, се многу скептични во прогнозите дали за овие и слични регионални теми и дилеми ќе се отвори и поведе расправа на меѓународната конференција за Западен Балкан, која почнува денес во Сараево.


#
Статијата е прочитана 880 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Уште една популистичка лекција на Груевски
Кој не дава да поевтини зелениот картон?
Тиквесански
Отсечената Преспа
Псевдоними има, но ги нема имињата на кодошите
Германскиот претседател Келер поднесе оставка
Ги покажа градите
На браникот на државата, а на маргините на Европа
Премиерот им стави точка на надежите за јуни
Скапиот зеленчук ги изгоре граѓаните
Ако нема евтин лет од „Александар“, има преку Софија
Со подморницата „Немо“ во длабочините на Врело
Лустрација на „современите кодоши“