Турскиот суд против муслиманските шамии
Исламистичката партија на Таип Ердоган сега стравува уставниот суд да не го забрани и нејзиното дејствување
АНКАРА - Владејачката АК партија во Турција денес требаше да одржи вонреден состанок на кој ќе дискутира за тоа како да одговори на одлуката од највисокиот суд за укинување на реформите предводени од владата за кревање на забраната за носење муслимански шамии на универзитетите. Аналитичарите изјавија дека одлуката донесена во четвртокот од страна на Уставниот суд, највисокото судско тело во Турција, е најсериозен неуспех за АК откако таа во 2002 година дојде на власт и претставува сериозна закана за нејзиниот опстанок. Премиерот Таип Ердоган ќе претседава на состанокот на АК.
Сега оспорениот амандман за носење шамија игра централна улога во друг случај во кој се бара укинување на партијата АК поради антисекуларни активности, и забрана за 71 нејзин член, вклучувајќи ги и премиерот и претседателот да и' припаѓаат на некоја политичка партија во следните пет години. Реформите со носењето шамии повторно го разгоре деценискиот спор околу улогата на исламот во земјата во која живеат 70 милиони луѓе, и која официјално е секуларна, но доминантно муслиманска земја и допрва треба да ги помири и двете страни. Уставниот суд се очекува во следните неколку месеци да донесе одлука за затворање на случајот доставен до него од главниот обвинител во Апелациониот суд. Аналитичарите очекуваат партијата АК да биде забранета, иако некои наведуваат дека судот би можел наместо тоа, да донесе одлука да ги казни партиските лидери, бидејќи формирањето нова политичка партија, каде што АК би била забранета, би било олеснето според турскиот изборен закон. „Оваа пресуда негативно ќе влијае врз затворањето на случајот“, пишува Мустафа Унал, колумнист за религиозниот дневен весник „Заман“. Заменик-премиерот Ќемил Чичек ја отфрли поврзаноста меѓу случаите, велејќи: „Да не споредуваме јаболка со круши“.
Политичката нестабилност ги погоди лирата и хартиите од вредноста. Аналитичарите стравуваат дека додека АК партијата, формирана од коалиција на поранешни исламисти, централнодесничарски политичари и националисти, се бори за опстанок, реформите ќе бидат забавени.
Секуларниот естаблишмент на Турција, во кој се вклучени армиските генерали и судиите, се сомневаат дека АК има скриена агенда. Партијата ги негира обвиненијата за исламистички активности, и тоа го гледа како обид од итрите секуларисти да ја соборат власта која има големо парламентарно мнозинство. Власта беше пофалена за обезбедување статус на преговарач за влез во ЕУ во 2005 година и спроведување политички и економски реформи, иако оттогаш реформскиот процес е забавен. Судовите и армијата се сметаат за заштитници на строгата поделеност на религијата и политиката во земјата, што е вкоренета во основите на модерната држава формирана во 20-тите години на минатиот век од урнатините на Отоманската Империја.
Партијата АК соопшти дека носењето шамии е прашање на индивидуална религиозна слобода, додека, пак, секуларистите го гледаат како дел од долгорочната владина стратегија за зајакнување на улогата на религијата во Турција. Додека голем број турски интелектуалци го критикуваат Ердоган за туркање на реформите со шамиите без да се обиде да ги смири оние кои се противат на кревањето на оваа забрана, тие ваквата инволвираност од судовите ја гледаат како недемократска. „(Пресудата) не е изненадување за мене, бидејќи знам дека во Турција не само официјалната идеологија, туку и судството е либерално“, пишува колумнистот Таха Акјол во весникот „Милиет“. (Ројтерс) |