Цел јули со дожд и грмежи
Поради големата енергија во атмосферата се очекува појава на интензивни електрични празнења и затоа се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Вака гласи предупредувањето на метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија што го доставија вчера.
Велат, времето денеска, во претпладневните часови, ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне нестабилно со поројни дождови и грмежи. Вакво време ќе преовладува речиси во текот на цел јули, а дождот и грмежите ќе бидат вообичаени речиси за секое попладне. Наместа ќе има услови за силен ветер и локално услови за врнежи од град.
Утре и задутре температурите на воздухот ќе бидат во благ пораст, а живата во термометарот ќе се искачи меѓу 26 и 33 Целзиусови степени. Од понеделник, во југоисточните делови на Македонија во текот на денот температурата ќе достигне 35 степени.
Синоптичарите најавуваат преодно стабилизирање на времето во вторник и во среда, а во текот на денот температурите ќе се искачат од 28 до 37 степени. Вредноста на УВ-индексот во овие два дена, на 7 и 8 јули, ќе биде мошне висока и ќе се изнесува 8. Од четврток до недела, 12 јули, ќе следи ново дестабилизирање на атмосферата.
„Ќе преовладува сончево време, со појава на нестабилна облачност во попладневните часови, проследена со дожд и грмежи. Температурите во овој период ќе бидат во благо опаѓање и ќе се движат од 25 до 32 степена“, објасни Панче Трајановски, дежурен синоптичар во УХМР.
Кон крајот на втората и на третата декада од јули ќе има услови за краткотрајно дестабилизирање на времето, со локална појава на дожд и грмежи. (Сн.К.) |