Уште еден скандал со обвинителите?
Избран обвинител за кого се води истрага за злоупотреби во Катастар
Гордана Дувњак
Само неколку дена по објавувањето на скандалот со новоизбраниот обвинител во Скопското обвинителство, кој си даде оставка, затоа што го скрил податокот дека е поранешен разрешен судија, Советот за јавни обвинители го тресе уште една афера. На последниот избор минатиот петок, кога беа именувани 31 обвинител, се „протнал“ кандидат за кого се води истрага во кумановскиот суд за злоупотреби на службената должност, од времето кога тој работел во катастарот.
По пишувањето на „Утрински весник“ за разрешениот судија Хани Абдула, во нашата Редакција стаса писмо, во кое се тврди дека овој случај не е осамен, туку на повидок е уште еден скандал. Како што пишува нашиот читател, кој очигледно е добро упатен, за обвинител во Основно јавно обвинителство Куманово е избран Исо Сулејмани, за кога пред Основниот суд во Куманово е во тек истражна постапка Ки.бр.61/08 за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Како што се наведува, истражната постапка се' уште не е завршена, а се однесува за кривично дело кое новоизбраниот обвинител го извршил како вработен во Катастар во Куманово, од кое работно место е избран за обвинител.
Нашиот читател со право ја отвора дилемата како овој факт „се протна“ при изборот на обвинител, кога дури и за вработување на хигиеничарка или стражар во која било институција се врши проверка дали се вработува лице кое е под истрага или не. Ако се земе предвид, пак, дека се работи за кривично дело сторено во вршење на службата и за кое во законот е предвидена казна затвор од една до десет години (кривичната пријава е поднесена од СВР-Куманово), тогаш не е јасно како сега новиот обвинител ќе ја врши службената должност и како ќе застапува обвиненија за ст��рени кривични дела злоупотреба на службената положба.
Веста вчера се обидовме да ја провериме во Советот за јавни обвинители. Но, поради службеното отсуство на актуелната претседателка Елена Гошева, која е на службен пат во Италија, таму наидовме на молк. Нејзиниот заменик Фаик Арслани вчера беше „отсутен поради обврски“,а не одговора ни на неговиот мобилен телефон.
Ниту во кумановскиот суд не можеа да ни ја потврдат оваа информација, бидејќи новиот претседател е дојден пред само два дена. Во отсуство на обвинителката и нејзиниот заменик, информацијата не можеа да ни ја потврдат ни во Основното јавно обвинителство во Куманово.
Сепак, извори на „Утрински весник“ од Советот на јавни обвинители неофицијално ни ја потврдија оваа информација како точно. За ова прашање, како што ни беше речено, ќе се иницира расправа на идната седница на Советот.
Дилемата дали како дополнителен критериум треба да се воведе ограничување за сите оние кандидати за кои се води истражна или судска постапка, била присутна и порано кај членовите на Советот. Но, поради тоа што овој услов не бил предвиден во Законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители, сепак, се откажале од оваа намера, стравувајќи дека тоа ќе биде во спротивност со законите.
Но, дали лица со вакви хипотеки може да се подведат под критериумот дека „уживаат углед во професијата“? Колку ваквите идни обвинители ќе можат ефикасно да се справуваат со криминалот, кога и самите се со темни петна во биографијата? |