ЕДИТОРИЈАЛ
Го есапи ли некој ревизорот
Катица Чангова
Скандалозно прозвучи минатонеделното обвинување што пратеникот Јани Макрадули го адресира до министерот Миле Јанакиески за незаконско работење и за злоупотреба на неверојатни 21 милион евра. Уште пофрапантно одекна тоа што Макрадули го нарече Јанакиески „центрифуга во трите владини пералници“ и го повика обвинителот Шврговски да го истражува мистериозниот пат на парите во Министерството за транспорт.
Јанакиески уште истиот ден ги отфрли како неосновани сите обвинувања на своја сметка и објасни дека секој негов потег бил во законски рамки, а настапот на Макрадули го оцени како дневно политикантство.
А во конечниот ревизорски извештај има многу работи кои бараат стручно читање, истрага и расчистување на случајот. Така, меѓу другото, стои дека во деловните книги на Транспорт не се евидентирале инвестициски вложувања, општините необјективно се наградувале, дека податоците во градежните дневници се штимале. Потоа дека несовесно се исплатувале пари за стручни трудови, се прескокнувале постапки за набавка на земјиште, софтвери, производи...
Многу симптоматично е тоа што на најголемиот дел од финансиските зделки го нема потписот на министерот. Асоцира ли тоа на избегнување евентуална одговорност за финансиските трансакции - треба да утврдат одговорните. Тие мора да го направат тоа, но дали ќе се осмелат.
И наместо ревизорските наоди да бидат предизвик и да ги мобилизираат надлежните институции, како што тоа се случува во секоја друга нормална држава, кај нас тоа помина млако и речиси без реакција. Најмалку што можеше да се направи, барем за пред јавноста, беше сите повикани страни итно да ги побараат доказите и уште побрзо да ја проверат вистинитоста. Ако се утврди дека било точно она што се случувало во Транспорт, тогаш станува збор за крупна корупција и организиран криминал. Во тој случај, оние 720.000 евра поврзани со злоупотребите во Одбрана и отворањето на аферата „Бачило“ ќе бидат само детска играчка во споредба со свртените пари во ресорот на Јанакиески - 21 милион евра.
За жал, ништо не се смени од она што досега се практикуваше со постапувањата со ревизорски извештај. Како целосно да спласна прашината за незаконитостите сервирани пред очите на народот. Своевиден придонес за ова можеби имаат и трите изјави на обвинителот Љупчо Шврговски: прво, дека не добил официјален ревизорски извештај за Транспорт, потоа дека го добил и последната, дека ќе го проследи до Скопското обвинителство.
Тоа што дополнение на приказната ревизор беа нечистите сметки и во Агенцијата за млади и спорт, особено за проектите спортски сали и дека има многу матни работи во јавните набавки, ама баш никого не го потресе. И овој ревизорски документ во кој се споменува проект на Влада помина без бучава. Никој не праша има ли вистина во сознанијата дека ненаменски се трошеле пари за објекти наменети за рекреирање на младите генерации.
Настаните со ревизорска провокација беа целосно маргинализирани и поклопени со лавината политички настани. Најнапред фокусот се насочи на министерот за правда, Михајло Маневски, за кого опозицијата откри со факти дека земал и плата и пензија. Се бара оставка од министерот Маневски. Следуваше новата голема вест, за оставката на вицепремиерот за евроинтеграции, Ивица Боцевски.
Заклучокот е дека ревизорот воопшто не ги вознемирува одговорните функционери во државните институции. Во ваква ситуација прашање е кој го есапи ревизорот и дали некој ги слуша неговите препораки или тој е како ланскиот снег. Се чини, никој. Божем ревизорот изигрува некоја икебана за украс пред светот отколку да е вистинска институција, чии наоди по природата на нештата втеруваат страв в коски. |