Земјоделството чека попозитивна оцена од ЕУ од лани
Земјоделството, за реформите и за сработеното во аграрот, очекува во претстојниот извештај на Европската комисија да добие многу подобра оцена од ланската.
„Очекуваме многу попозитивна оцена од Брисел во споредба со лани, иако и минатата година имавме позитивни оцени за нашето работење. Претпоставуваме дека така ќе биде и оваа година зашто напредокот е евидентен. Направени се сериозни напори и чекори за приближување на македонското законодавство до европското. Сите мерки што ги преземавме се во тој правец. Затоа мислам дека, во споредба со лани, ќе имаме уште попозитивна оцена“, изјави вчера министерот за земјоделство, Љупчо Димовски.
Во однос на снабденоста на државава со жито, Димовски рече дека во овој период Македонија има доволно жито и јавноста не треба да биде загрижена поради евентуален недостиг. „Реколтата мина добро, земјоделците се задоволни, а количините се во согласност со потребите на населението. Ако има потреба, ќе се интервенира преку државните резерви, но сега, ситуацијата не е таква“, објасни Димовски, кој не гледа причина увозот да се одреди, од Украина или од некоја друга земја. „Македонија може да увезува од секаде. Тоа е одлука на трговците“, напомна министерот.
Тој информира дека привршува изготвувањето на нацрт-програмата за директна финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој.
„За следната година се предвидени 115 милиони евра поддршка. Веќе сме во завршна фаза од подготовката на програмата, но, пред да ја објавиме, ќе ја испратиме до сите засегнати страни, здруженија и асоцијации на земјоделци, а потоа ќе се организира и јавна дебата на која секој ќе има право да го каже своето мислење“, рече Димовски.
Со цел поефикасно да се распределат државите пари, се вршат педолошки анализи на македонските почви. Цел е да се испита квалитетот. (МИА) |