Македонската економија се издишува
Стапката на раст во четвртиот квартал изнесувала само 2,1 отсто
Александрија Стевковска
Македонската економија, оставена на бришан простор на влијанието на економската криза, го губи својот здив. Доказ за тоа се статистичките податоци, кои покажуваат дека стапката на раст на македонската економија во четвртиот квартал паднала на само 2,1 отсто, од 5,8 проценти колку што изнесувал растот во третиот квартал. Стапката на раст за целата 2008 година, пак, била 5 отсто.
Беше и очекувано да се добијат лоши завршни статистички анализи за БДП за последните три месеци минатата година, ако се има предвид дека во тој период металургиските компании и рудниците се затвораа и работеа со мал капацитет, поради падот на цената на металите на берзите, а илјадници вработени беа отпуштени.
Податоците за ланскиот раст ги побива сите претходни проекции и на Владата и на статистичарите. Имено, Владата за минатата година очекуваше просечна стапка на раст од 6 до 6,5 отсто, а прогнозите од статистика беа дека тој ќе се позиционира на 5,3 отсто. Заводот за статистика, пред почетокот на годинава, најави дека последниот квартал од 2008 година ќе забележи раст од само 4 отсто, бројка што е преполовена, според вчера објавените податоци за БДП. Тоа покажува дека иако на Владата и' требаа неколку месеци да признае дека и кај нас има криза, стапката на БДП сама го илустрираше тоа.
Сепак, за Владата растот од 5 отсто за минатата година е задоволителен.
„Тој е повисок од кој било резултат што го оствариле претходно владите во Македонија во изминатите 17 години и во добри економски услови“, изјави вчера вицепремиерот Зоран Ставрески. Според него, со вакви показатели Македонија е една земјите во Европа која успеа во последниот квартал од 2008 година да оствари позитивен економски резултат.
„Тоа значи дека сме меѓу најдобрите пет-шест земји во тој дел. Тоа, според мене, ја покажува жилавоста на македонското стопанство и на македонската економија“, истакна Ставрески. Според него, не држат обвинувањата од опозицијата дека Македонија е влезена во рецесија, бидејќи со ваков пораст на БДП не може да сме влезени во рецесија и според ниедна економска теорија или анализа тоа не може да се смета за рецесија.
За експертите намалениот економски раст е очекуван и реален.
„Очигледно е дека оптимистичката прогноза за раст од 2008 година беше подложна на влијанието на економската криза. Таа не можеше да не' одмине и тоа е најевидентно во бројката од 2,1 отсто за последниот квартал од минатата година. Нискиот раст во последните три месеци од минатата година го повлече надолу и просекот на раст за цела 2008 година. Мал раст е спротивно на она што и' е потребно на земјава моментно, бидејќи само добар раст може да ја придвижи економијата напред, но ние сме отворена економија и нормално е кризата да влијае и врз нас“, вели Зоран Ивановски, професор на Европскиот универзитет.
Структурата на компонентите на БДП за последниот квартал од 2008 година укажува дека процентот на раст го спасува потрошувачката на домаќинствата и на владините институции, кои веднаш по градежништвото имаат најголемо учество во растот. Поточно, јавната потрошувачка во четвртото тримесечје лани била зголемена за 17,8 отсто, а нејзиното учество во БДП изнесува 85 отсто.
Според упатените, ваквата одржливост на БДП со акцентирање на потрошувачката нема да биде на долг рок, бидејќи пресушуваат изворите за нејзино финансирање, што ќе го повлече, пак, БДП надолу. Освен потрошувачката, нивото на економски раст минатата година во живот го одржувало и градежништвото, кое регистрирало раст од 23 отсто.
Нискиот економски раст во последниот квартал од 2008 година е неизбежно да продолжи и оваа година, со оглед на тоа дека најсилниот удар на кризата врз економијата допрва претстои. Ваквите очекувања ги принудија сите земји да си ги ревидираат првично проектираните стапки на раст за годинава, освен нашата, која опстојува на прогнозата дека годинава ќе имаме раст од недостижни 5,5 отсто.
Последниот извештај на ММФ објавен во февруари годинава предвидува раст на македонската економија од 3 отсто за 2009 година. Но, Берт Ван Селм, постојан претставник на ММФ во Македонија, во интервју за „Капитал“, најавува дури и нови, пониски проекции. „Македонија очигледно нема да ги избегне последиците од продлабочената глобална економска криза. Токму поради тоа, во следната ревизија, која треба да биде објавена во април, во Светскиот економски преглед, проекциите за целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија, ќе бидат намалени“, вели Ван Селм. Експертите потврдуваат дека е неизбежно земјава да има помал раст од владините проекции. „Тешко е да се предвиди како ќе се движи економијата годинава, со оглед на тоа дека се најавува кризата да се стабилизира дури во 2010 година, но последиците од неа допрва ќе се чувствуваат. Ако земји кои се традиционални партнери на Македонија прогласија рецесија, нормално е тоа да го почувствува и нашата економија“, вели Ивановски.
Според некои прогнози, во првиот квартал од годинава се очекува раст од 1 до 2 отсто, а поцрните сценарија предвидуваат дури и запаѓање на економијата во негатива. |