Број 2948  сабота, 28 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

СТИЛ

Узбекистанската принцеза - пајак во мрежата за бели робје

Претприемливата Гулнара Каримова ги проширила своите деловни интереси и на секс - индустријата

Јасминка Павловска

Деловна жена со магистратура од Харвард, дизајнерка на накит, носителка на црн појас во карате, дипломатка, пејачка... Сето тоа е Гулнара Каримова, постарата ќерка на узбекистанскиот диктатор Ислам Каримов, фигура каква што може да произведе само турбулентната транзиција во која, владеејќи со неограничена моќ и корупција, ја преземаат целосната контрола над земјата и се богатат до незнајни размери. Во земјата, во која просечниот месечен приход е 30 долари, а лекарите и професорите заработуваат едвај уште десетина долари, имотот на Гулнара официјално се проценува на 60 милиони долари, но всушност, е само делче од нејзиното богатство. Покрај ноќните клубови, туристичките агенции и тонското студио што си го набавила кога си дозволила и музичка кариера, 37-годишната Гулнара поседува и цела низа компании во Узбекистан и во странство, како што се фабриката за цемент или холдингот „Зеромакс“ со седиште во Швајцарија, кој се занимава со нафта, гас, рудници со злато, земјоделство и текстил, а на акционерите и партнерите им ветува „натпросечен профит“. Секако, со тие компании Гулнара управува дискретно и нетранспарентно, преку свои луѓе кои ги поставува на клучните места, а за да се осигура од критиките во јавноста, под свое ги зела и узбекистанските телекомуникации, вклучувајќи го и најголемиот мобилен оператор во земјата и медиумите... Така, не ја фалат само весниците и телевизиите кои строго ги контролира државата туку и нејзините сопствени телевизиски канали, кои покрај занесните пофалби за нејзината хуманитарна работа, убавина и способности, ја нарекле и „узбекистанска принцеза“.

Претприемливата Гулнара ги проширила своите деловни интереси и на секс-индустријата, па наводно, управува и со голем синџир на проституција, кој се протега од Узбекистан до САД, а се шири и до Тајланд и Дубаи.

Проституцијата во муслиманскиот Узбекистан некогаш била речиси непозната појава, но верските вредности еродирале под советската власт, а докрај ги уништи Каримов, бивш претседател на Комунистичката партија, кој во 1991 година прогласи независност на Узбекистан и ја презеде власта. Оттогаш земјата со 24 милиони жители се задушува во невработеност и сиромаштија, бројот на наркомани е меѓу рекордните во светот, а сидата забрзано се шири. Во такви услови, многу жени во очај свесно се вртат кон проституцијата за да заработат за живот и да го прехранат семејството, додека многу од нив се наоѓаат во секс-индустријата и против својата волја.

Гулнара никогаш премногу не се придржувала до муслиманските правила. И денес знае да се забавува до зори со преголеми количества алкохол, па никакви морални дилеми не ја спречуваат да ја искористи ситуацијата во земјата во своја полза. Бидејќи има неколку компании во Дубаи, меѓу другите и туристичката агенција „Унитренд туризам“, која има договор со узбекистанското Министерство за туризам, па така има монопол над сите посети на Узбекистанците во Обединетите Арапски Емирати, Гулнара практично ги одобрува сите визи, и туристички и работни. Десетици илјади Узбекистанки одат во Дубаи или како наивни туристки или верувајќи дека ќе се вработат како келнерки или собарки, а таму ги дочекува ужас кога ќе откријат дека мора да го продаваат сопственото тело. Еднаш вовлечени во проституцијата, жените веќе немаат каде, па многу од нив завршуваат во американските хотели, на плажите во Турција и Тајланд и ноќните клубови во Индија, а парите се слеваат во компаниите на Гулнара.

Сето тоа, тврдат упатените, добро го знае нејзиниот татко, но не презема ништо. Напротив, Каримов ја поддржува во деловните и во политичките амбиции, уште повеќе поради тоа што здравјето во последно време му е влошено, а на ќерката смета како на наследничка на чело на земјата. Затоа и' доверува високи функции, па до 1997 година Гулнара работела во узбекистанското Министерство за надворешни работи, каде што напредувала до позицијата на советничка, потоа дипломатска служба во узбекистанската амбасада во Русија и на крајот, од минатата година, до место на постојана претставничка на Узбекистан во Канцеларијата на Обединетите нации во Женева - и покрај тоа што токму истрагата на ОН уште во 2002 година констатирала дека во земјата во која со челична тупаница управува таткото на Гулнара има најмалку 7.000 политички затвореници, чија вина е тоа што се верници и што му се спротивставуваат на Каримов, а примената на тортурата во испитувањата е „системска“. Затворениците ги тепаат, задушуваат, силуваат и казнуваат со електрични шокови. Двајца затвореници дури биле убиени со варење во зовриена вода, а 62-годишната мајка на еден убиен ја осудиле на шест години тешка робија само затоа што се распрашувала како умрел син и'.

Таквата репутација воопшто не и' го намалува угледот на Гулнара во светот што ја опкружува. Руската политичка и бизнис-елита спокојно се собира на забавите на Гулнара, како онаа по повод доаѓањето на пролетта - Навруза, која узбекистанската принцеза ја направи во 2006 година во Москва. Тогашниот заменик-премиер, денес претседател Дмитриј Медведев, челниците на „Сибнефт“ и „Металоинвест“, па и медиумски личности, како што се уредничката на рускиот „Вог“, Аљона Долескаја, и бившата славна лизгачка Ирина Родњина... уживале во узбекистанските специјалитети, а Гулнара блескала во фустан украсен со скапоцени камења и бисери, кој и' ги откривал рамената посипани со златен прав, додека групата „Јало“ изведувала стари советски поп-хитови. Дури и самата Гулнара можела да запее, која некако во тоа време се решила да се обиде на естрадата, па го снимила своето прво музичко видео за песничката „Унутма мени“ („Не заборавај ме“) под сценското име Гугуша, како што нагалено ја викал татко и'. И додека узбекистанските музички критичари очекувано се воодушевувале на песната и спотот во кој Гулнара со лимузина лета на некој тропски остров, една критичарка рекла: „Се' што прави Гулнара, прави совршено“. Но, коментарите на подемократскиот „Ју тјуб“, кој не е под контролата на династијата Каримов, брутално се директни. Некој напишал : „Таа ја пие крвта на народот на Узбекистан“, додека друг наведува дека тоа е спот на „еден од најголемите ороводци на синџирот за проституција“, па додава: „Дами и господа, запознајте ја идната претседателка Гулнара Каримова!“

Светската јавност можеби ќе останеше скратена за живописниот лик на Гулнара Каримова ако не беа нејзиниот брак со американскио�� бизнисмен со авганистанско потекло Мансур Максуди, за кого се омажила кога имала само 19 години, и нивниот бурен развод во 2001 година. Иако Гулнара тврди дека таа го оставила него, зашто не можела да го поднесе неговиот мрачен „исламски фундаментализам“, поради кој наводно и' забранувал да се капе во базенот, да излегува и воопшто да живее... Максуди, пак, изјавил дека разводот го побарал тој, но таа му се одмаздила.

„Гулнара ми рече дека ако се разведам од неа, ќе ми ги уништи семејството и работата и ќе направи никогаш да не ги видам децата“, изјавил Максуди за „Вашинтон пост“. И токму тоа се случило. Иако американскиот суд му го доделил старателството на Максуди над тогаш десетгодишниот Ислам и шестгодишната Иман, Гулнара со децата побегнала во Русија, каде што знаела дека никој нема да ја пријави за да не се доведе во судир со нејзиниот семоќен татко. Во таблоидната драма што следувала обвинувањата летале на сите страни. Гулнара го обвинила бившиот маж дека илегално ја продавал нафтата на Садам Хусеин, а тој неа дека продавала млади Узбекистанки за проституција во Дубаи. Таа за него тврдела дека е непопустлив муслиман, кој и' се заканувал со пеколот зашто носела бикини, а тој за неа дека на забавите се опивала толку многу што не знаела каде се наоѓа. Во меѓувреме, узбекистанските власти ја конфискувале фабриката за полнење „Кока-кола“ во Узбекистан, која работела со профит, затвориле тројца негови роднини, а уште 24 членови на семејството, меѓу кои и 85-годишната баба, ги депортирале во Авганистан, кој бил разрушен од војна.

Гулнара, освен половина од имотот, задржала и 4,5 милиони долари вреден накит, а Максуди верува дека неговата бивша жена се подготвува да ја преземе власта во Узбекистан.

„Ја вкуси моќта и се' што носи моќта во Узбекистан. Знаев дека е пијана од моќта на татка си. Тие не сакаат да ја испуштат таа моќ од рацете“, убеден е бившиот сопруг на „узбекистанската принцеза“.


Статијата е прочитана 1305 пати.

Испрати коментар

Од: димчемогилче
Датум: 28.03.2009 08:29:17
море како нема некој да и го свирне метакот у глава. од вакви луѓе во светов ми се гади.и кај нас имаше вакви ама им ги скратија крилата и сега има ама им доаѓа крајот
Од: petko
Датум: 29.03.2009 10:54:33
Abre mogilce sto mislis sto ke bide posle nedelnite izbori kaj nas , cela vlast , eden covek Karimov Makedonski .

Најди! во Утрински
Насловна
Антикорупциска стана владина експозитура
Лопатите станаа синоним
Формула 1 повозбудлива од кога и да е
Македонската економија се издишува, Владата задоволна
Гласовите на Македонците ќе ја решат трката во Тетово
Протест против црква на плоштадот
Аце од Белата куќа
Кој прогнозираше крај на капитализмот!?
Бошкоски бара од Груевски да ја напушти ВМРО-ДПМНЕ
Црни прогнози- без ЕУ, Балканот ќе отиде во авторитаризам
Словенија даде виза за влез на Хрватска во НАТО
Фармерите бараат апс и за новите и за старите газди на „Сведмилк“
Карикатура