Кој нема ХАСАП - од 1 октомври казна или клуч
Ќе се казнуваат и ќе се затвораат фирмите за храна кои немаат воведено стандарди за безбедна храна
Александрија Стевковска
Ќе се казнуваат, па и затвораат производните капацитети за храна од животинско потекло, кои до почетокот на идниот месец нема да ја имаат започнато имплементацијата на ХАСАП-стандардите за безбедна храна. Прво со привремена забрана за работа ќе се казнуваат сите оние што немаат почнато имплементација на ХАСАП, а следни за контроли ќе бидат фирмите што веќе го имплементирале системот.
„Рокот за примена на ХАСАП-стандардите од 1 октомври нема да се пролонгира. Идната недела Ветеринарната инспекција ќе ги прегледа сите објекти што се занимаваат со производство на храна и тогаш ќе имаме поцелосна слика за процентот на компании што ги имаат воведено безбедносните стандарди“, вели првиот човек на Ветеринарната управа, Дејан Рунтевски.
Последните податоци од Управата покажуваа дека 40 отсто од произведувачите на месни и млечни производи работат според ХАСАП-системот, 40 отсто се во фаза на имплементација, а 20 отсто го немаат овој систем за безбедна храна. Сепак, според Рунтевски, фирмите соочени со пеналите што би ги плаќале доколку немаат воведно ХАСАП, покажуваат голема заинтересираност за негово имплементирање.
Според експертите, прехранбената индустрија од анимално потекло е многу поразвиена и понапредна од онаа од растително потекло, поради што сметаат дека таа во голем процент го има или работи на воведување на ХАСАП-от.
„Операторите за храна од животинско потекло се најнапред во имплементацијата, од причина што оперираат со храна од висок ризик, и поради тоа што дел од нив се извозно ориентирани. Самото тоа ги натера некако порано да почнат, па најголем дел од нив ги имаат воведено или ги воведуваат безбедносните стандарди за храна со животинско потекло. На дел од капацитетите ќе им треба пролонгирање од уште два-три месеци, но важно е да започнат со воведување на стандардите. Малите работилници веројатно ќе се затворат, со оглед на тоа дека тие штом не вложуваат во производството, веројатно не се заинтересирани за натамошен опстанок“, вели Катерина Костадинова, „Интегрирани системи за квалитет“.
Според неа, во примената на ХАСАП-ста��дардите во целата прехранбена индустрија, со проблеми ќе се соочат производителите на храна од растително потекло, како и малите дуќанчиња, гранапи, бурекчилици, ќебапчилници. „Сопствениците на ваквите објекти немаат доволно информации, но и средства за да ја воведат новата хигиенска практика на работење, поради што верувам дека на дел од нив ќе им треба пролонгирање на примената на задолжителните законски одредби за ХАСАП. Сепак, пролонгирање за казните за вакви објекти веројатно нема да има и доколку до 1 јануари 2010 година не започнат со имплементација на безбедносните стандарди, ќе бидат казнувани, па и затварани“, смета Костадинова.
Законот предвидува, сите што нема да имаат имплементирано ХАСАП-систем, да бидат казнувани од 5.000 до 10.000 евра.
Досега сите извозноориентирани капацитети веќе го имаат воведно ХАСАП-от, иако експертите предупредуваа дека неговата имплементација мора да се спроведе и кај оние кои произведуваат и за домашниот пазар, бидејќи само на тој начин ќе се избегнат ризичните точки за контаминација на храната. |