Број 3089  петок, 18 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Без ракавици

Маглива идила

Јосиф Ќурчиев

„Туристите смеат да ги посетуваат само оние места што се многу слични на виртуелната слика за нив, значи, храмови, цркви или егзотични пазаришта, но никако места каде што има болни од лепра“ – Умберто Еко

Пред некое време пишував за тоа дека ако сакате да дознаете што се случува на меѓународната политичка сцена принудени сте да гледате светски етаблирани телевизии, зашто овдешниве се сведени на „антибиотичка капсула“ – „значајно“ е само она што се случува овде и сега, па макар тоа била и кавга кај селската чешма.

Што ќе видите, пак, на тие белосветски канали, освен, се разбира, извештаи, интервјуа со компетентни персони, анализи и репортажи за тој за нас „далечен свет“: за војната во Авганистан како најактуелно жариште во моментов кое го истисна Ирак; за притисоците врз Иран за атомската програма; за говорот на Обама на Вол стрит околу односот на големите банки, кои и со државна помош продолжуваат да печалат според старите системи што може во корен да ги сотре првите „фиданки“ на економското заздравување; за дуелот Меркел - Штајнмајер пред парламентарните избори во Германија на 27 овој месец и се' така... Некои теми што немаат врска со нашите исклучително „славни и планетарно познати политичари и турбо-певци на забавна или на фолк-музика како доминантно ’релевантни‘ за задоволување на нашите потреби за информирање“. За апсолутната ТВ-непрофесионалност околу трагедијата во Охрид нема да изустам ниту збор, зашто за тоа беа напишани одлични коментари. А, наводно, сме имале и некакви прописи, правилници и институции што воделе грижа за нивото, културата, етиката и едукативноста на електронските медиуми. Или не?



Значи, освен наведените теми, што друго може да го привлече вниманието во програмите на тие телевизии што носат имиња како Си-Ен-Ен или Би-Би-Си, па дури и Евроспорт? За Тревел ченел тоа, секако, е нормално. Неизбежно се забележува еден феномен (зашто е ужасно нападен, но за кој „вината“ не е кај тие канали), кој јас би го нарекол „виртуелна војна на туристички спотови“. Нив треба да ги види светот и затоа туристичките сојузи или министерства на земјите-кандидати за навалица на гости и приход од туризмот, сакаат н��вните спотови да се најдат токму на тие телевизии: имаат огромна гледаност.

Спотовите, за волја на вистината, се исклучително добро направен концентрат на најубавото во земјите што конкурираат: во триесетина секунди се гледаат водопади, пустински предели за љубителите на рели-возење или скијање на песок, снежни ски-терени, бистра вода, чисти морски плажи, лавови, жирафи, китови, бели мечки, масажи, хотелски капацитети, бунгалови, антички руини, прекрасни задници и предници на танчерки што би ги забавувале потенцијалните гости, домашна музика со егзотични инструменти и соодветна пијачка, катедрали, музеи, остатоци од стари цивилизации и што уште не. Редно е да се признае дека е вистинска уметност толку многу нешта да се сместат на исто место, без оглед колку се оддалечени едно од друго во стварноста. Тоа, пак, ја определува и (не)можноста да се види се'. Сето тоа само со една цел: повелете кај нас, најубаво ќе го минете одморот!



Притоа, на пример, во спотот за Кенија при чија посета се запознавате со „духот на Африка“, нема и не може да има место за тоа дека треба да се пијат апчиња против маларија и оти е потребна вакцина против колера и жолта грозница. Затоа, пак, скокаат „среќни и весели“ припадници на племето Масаи, додека најдобрите атлетичари од оваа земја трчаат за други држави само да не се вратат во домашниот рај. Или во оној за Египет каде што не смее да се види дека Каиро е еден од највалканите градови (а Скопје?), опкружен со сламови во кои никој не знае колку луѓе живеат. Слично на спотот за Бразил, кој треба да ги привлече потенцијалните гости со плажите и карневалистките во Рио, но се премолчува состојбата во Сао Паоло, која не се разликува многу од онаа во Каиро или во индиска Калкута. Спотот „Неверојатна Индија“ се вртеше со месеци на спомнатите и неспомнатите телевизии, повикувајќи да се посетат Таџ Махал или Црвената тврдина во Делхи, Боливуд во Мумбај, но никако потребните вакцини или, не дај боже, квартовите каде што живеат лепрозните. Се' уште се врти филмот за Романија како „земја на изборот“ во кој се впрегнати поранешните познати светски спортисти, гимнастичарката Наѓа Команечи, тенискиот ас Илие Настасе и фудбалерот Георге Хаџи. Не заостануваат ниту Бугарија, Црна Гора, Хрватска или Азербејџан, Ерменија, Турција, егзотичните Тајланд или Катар и Дубаи со огромните градби, кои предизвикуваат восхит и амбиции и кај други да градат такви стокатници. Но, нема ниту збор за Пакистанците или за Индусите кои копаат, носат земја и камења, градат и се качуваат на височини од кои се врти умот, а притоа заработуваат 300-400 долари и живеат во метални контејнери како човечки сардини. За Дубаи публиката треба да види само златни кваки и славини, сјајни простории, базени и можности за скијање на вештачки снег – ултрамодерно и ултраскапо! Каков одмор...

Ниту ние не заостанавме. Го прифативме предизвикот и подготвивме спотови. Нема да влегувам во коментар за естетските вредности. Сепак, правени за странски гледачи, а не за наша публика која знае какви се реалните состојби. И, се разбира, ниту во нашите спотови нема ништо, на пример, за ѓубрето пред левиот свиок на патот што директно води кон Крушево, нашиот „етно-град“. За состојбата на патот Прилеп-Крушево во некоја друга пригода. Или за Смрдлива вода на Кожуф која тоа народско име го носи поради мирисот на минералната вода (веќе се тврди дека и таа е загадена), но која сега буквално е смрдлив ревир од купиштата ѓубре што го фрлаат сопствениците на натрупаните и без урбанистички план викендички и „викендички“ како конзерви од конзерви, токму пред сопствените порти. Инаку, таму почна да се гради нов пат кон ски-центарот Кожуф, по кој очекуваме да минуваат и странски посетители! Како ли само мина претседателот на државата пред извесно време кога го качија без да му ги покажат овие „чуда на природата“? И наведов само два од примерите на кои им нема број. За Охрид ветив и нема да зборувам. Тоа не влегува во спотот за светот. Светот од тоа сам си направи спот...

Така, парадоксално, ама точно: на публиката и' се нуди виртуелна идила која нема никаква врска со стварноста, но истовремено не е ниту лага. Кој е ќар? Земјите што се рекламираат? Хм, хм... Публиката, која по глобалниот економски колапс мошне тешко се решава да оддели пари за таквиот концентрат убавини, сега многу повеќе од порано ќе проверува дали е вистина она што се прикажува. За поединците парајлии е сеедно. Годинашните бројки за туристичката индустрија ќе покажат ниво блиско на колапс. Значи, во обидот да се донесат гости што ќе трошат, со помош на овие „телевизиски туристички проспекти“, сепак, најголемо фајде имаат етаблираните телевизиски канали, зашто емитувањето чини купчиња долари. Нивните конта не се виртуелни.

(Авторот е новинар)

 


#
Статијата е прочитана 1164 пати.

Испрати коментар

Од: Caravanserai
Датум: 18.09.2009 02:05:23
Ednostavno, BRAVO, no karvanot si vrvi i kucinata voopsto ne mu smetaat, sto postojano laat. Dzabe, koga nema koj da gi slusne! A izgleda i nikoj ne se plasi od nivnoto laenje! Mozebi se malku? Ili ne se dovolno glasni?

Најди! во Утрински
Насловна
Контроверзиите и вистините за Тодор Александров (5)
„Владата“ на СДСМ ќе излезе од сенка по Нова година
Бугарски пасош како награда
Зденко
Избори со референдум - мамка или реалност
Бесплатни учебници, сепак, нема за сите
Обама се откажа од ракетниот штит во Европа
Работниците нема кој да ги заштити
Претседателот Иванов ја чека Грција на полпат
Срамни ветувања
Кој нема ХАСАП - од 1 октомври казна или клуч