Број 2923  петок, 27 февруари 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Црно-белиот свет

Љупчо Печијарески

Да се биде свој, да се мисли со сопствена глава, тоа е голем грев, атака врз големиот тотем реинкарниран во ликовите на етничките и партиските лидери

Македонската општествена реалност во изминатите осумнаесет години ја карактеризираат бројни процеси со нагласено негативни конотации, при што граѓаните на Република Македонија станаа жртви на небулозниот транзициски галиматијас реализиран во турбо-кич варијанта, именуван како примитивен неолиберализам. Попрецизно кажано, најголемиот дел од нив останаа на маргините на она што се случуваше, губејќи постепено, но сигурно многу од тоа што со години тешко го создавале, како на општествен, така и на личен план. Оние малкумина, најлукавите, најбескрупулозните и најдосетливите и кои имаа „нос“ за времето што доаѓа, секако и способност како во него повеќе да профитираат, добија... и тоа многу, како ретко каде и како ретко кога. Се збогатија, станаа моќни, недопирливи и недостапни. Заборавија на оние со кои, само до вчера, заедно веруваа во утописката можност да се изгради свет втемелен врз еднаквост, солидарност и праведност. Она што остана, што се памети, се само спомените на еден систем што беше поразен од саморефлексивната илузија дека е можно добро да се живее, а притоа да не се почитува елементарната економска логика, според која не можеш да имаш повеќе од она што можеш да создадеш.

Во секој случај, македонското општество се раслои, при што многумина „неподготвени“ - мнозинството, го почувствуваа горчливиот вкус на бесперспективноста. Притоа, препуштени сами на себе, без можност на достоинствен начин да ја обезбедат својата егзистенција, македонските граѓани, губејќи ја сигурноста во својата иднина, истовремено ја изгубија и довербата во заедничкиот живот и заедничките вредности. Живеејќи во едно поделено општество, според различни критериуми (економски, социјални, етнички, религиозни, партиски и вредносни) тие, за жал, ја прифатија логиката на црно-белиот поглед на свет. Така, во Македонија, денес, доминантна мисловна и вредносна матрица се темели, исклучиво врз дисјункцијата или- или, при што вистина е само она со кое се идентификуваме - што е наше и на кое припаѓаме. Се' што е различно од нас, се' што не се совпаѓа со нашите мисли, убедувања и ставови априори се доживува како туѓо, кое не' загрозува и не' прави да се чувствуваме несреќни.

Аналогно на тоа, Македонија веќе личи на импровизирана шаховската табла, при што на белите полиња стојат Македонците, православните, а на црните Албанците, муслиманите или обратно - како што милувате! Но, црно - белата логика на македонската социјална стварност тука не завршува. Имено, ако сте Албанец, вие припаѓате или на умереното или на радикалното крило; или сте за Илирида или сте за Рамковниот договор; или сте за голема Албанија или за малата Македонија; или сте за Ахмети или за Тачи или, пак, за Селмани... Доколку сте Македонец, вие сте или славомакедонец или антички Македонец; предавник или патриот; или светот го посматрате низ призмата на СДСМ или сте вмровец. Секако, имате уште понекоја политичка опција, но и таа е тука само за да го потврди правилото дека повеќе не сте свој, односно дека припаѓате на определен колективитет. Вашата индивидуалност мора во целост да е во функција на светата идеја на колективното табу. Да се биде свој, да се мисли со сопствена глава еее... тоа е, голем, грев! Тоа е директна атака врз големиот тотем реинкарниран во ликовите на етничките и партиските лидери, а не така ретко и во личноста на вашите претпоставени. Секој што ќе се дрзне да ги критикува треба да знае дека, порано или подоцна, ќе биде казнет. Притоа, самата помисла да се размислува надвор од постојните колективни вредносни матрици се прогласува за ерес. Кој воопшто смее да си дозволи да ја наруши идиличната слика на црно- белиот свет?! Кој ви го има дадено правото да не сакате да прифатите да живеете со поданичката логика на еден пион кој доброволно прифаќа да биде жртвуван во името на остварувањето повисоки цели во шаховската (поточно политичката) партија - игра, којашто е омилен спорт во вашата „демократска“ („демо“ или „кратска“) општествена средина.



Работите одат дотаму што се доведува во прашање дури и интегритетот на вашата личност доколку си дозволите во една прилика да ги критикувате едните (белите), а во друга прилика другите (црните) или, пак, истовремено да укажувате на определени позитивни аспекти и кај едните и кај другите, при што најлоша варијанта е да инсистирате на нивно помирување и заедништво. Тоа крајно е нелогично, односно спротивно на основната премиса врз која функционира тој свет, накратко изразена со сентенцијата - раздели, па владеј! Секој обид за иницирање заеднички дијалог низ размена на аргументи однапред е осуден на пропаст, доколку не се совпаѓа со нивните интереси. Од друга страна, немојте ни случајно да ви падне на памет да давате совети или да нудите решенија за определени општествени проблеми. Кој сте вие како индивидуа да размислувате за проблеми од поширок општествен интерес, а притоа тие размисли да не се совпаѓаат со оние на барем една политичка провиниенција?! Таква дрскост не може да се толерира и тоа не само од страна на лидерите туку и од нивните бројни обожаватели и приврзаници.



Доколку сакате да бидете сфатени сериозно, односно доколку сакате да бидете прифатени, вие мора да резонирате со канонската логика на тој црно-бел свет во којшто не е дозволено да имате поинакво мислење од она што е заедничко за дадениот колективитет што, најчесто, случајно или не, се совпаѓа со ставовите на оние кои го водат тој колективитет. Притоа, просечноста, сервилноста, полтронското однесување, хипокризијата, лукавоста и наметнатата љубезност се основните особини што треба да се поседуваат за да се направи брза кариера и да се напредува во животот. Секое несогласување со водачите, секое спротивставување на нивните идеи, дури и кога е втемелено врз факти, ве прави неподобен. Едноставно, во тој случај, вие сте неадекватен за таа црно-бела игра. Не е воопшто важно колку добар играч сте. Сето ваше знаење, сите квалитети, предиспозиции и талентираност се недоволни за да настапувате во првата екипа. Дури нема место ниту на резервната клупа, а за тоа сте виновни вие самите за тоа што не умеете да размислувате црно-бело, затоа што сакате животот да го доживеете во сите негови бои и нијанси, со сите негови противречности и конфликти, но и со подготвеноста неговата внатрешна суштина да ја откривате токму во нивното решавање и надминување, преку отворен дијалог, а не со авторитарната логика на сопствената вистина и самобендисаност. Соочувањето со противречностите истовремено е и признавање дека не само што тие реално постојат, но истовремено и прифаќање на фактот дека има различни вистини за нивно согледување, односно дека постојат различни патишта за нивното решавање. Токму ваквиот пристап е во спротивност со основната филозофија на црно- белиот свет и токму сознанието за тоа ве прави да бидете надвор од него. Тука нема лутење: секој припаѓа на својот свет, поточно секој го обликува и доживува светот според она што го носи во себе и што може да го препознае во другите околу себе.

Секако, тоа не значи натпреварите со екипите во кои настапуваат претставниците на црно-белиот свет да се предадат со службен резултат - без игра. Животот тече натаму! Играта продолжува! Нештата се менуваат бавно и потребно е време и трпение. Прашање е само колку човек може да биде упорен и до која мера ќе може да истрае во одбраната на своите убедувања, а секако и во желбата да ги споделува нив со другите?!

(Авторот е универзитетски професор)


Статијата е прочитана 1275 пати.

Испрати коментар

Од: Makedonec vo EU
Датум: 27.02.2009 00:46:17
Sekoj barem prosecno inteligenten covek pravi razlika megju politicar i ovcar. Politicarite zboruvaat za razvoj, stranski investicii, ekonomski rast, plasman na domasnite proizvodi, uspesni reformi, dobra megjunarodna politika... Ovcarite se sudat so opozicijata, tuzat novinari, baraat predavnici i vinovnici, ja "vitkaat" istorijata, plukaat po megunarodnata zaednica prognozirajki raspagjanje na EU i NATO, itn. Takvite se plasat od izbori i javni soocuvanja, a ne treba. I onaka ima dovolno ovci da gi izglasaat pak :)))
Од: Vladimir Simonovski, Orlando, Florida
Датум: 27.02.2009 03:36:06
Ovaa nedela dobivme izvonredna kolumna od Ljupco. Bi sakal samo da dodadam deka za zal toa sto go opisa avtorot ne e samo makedonski sindrom, tuku univerzalen problem. Crno-belata podelba na nestata e prisutna vo site sferi na moderniot zivot duri i vo najrazvienite opstestva. Sekoj onoj sto razmisluva od licen aspekt e otfrlen na marginite. Toa bese verojatno i presudnata pricina da go napustam svojot roden kraj i zatalkam po svetot vo nadez deka ke se pronajde poinakva sredina. No, razocaruvanjata ne izostanaa. Sepak, porazite od tuginci i vo tugina se mnogu popodnoslivi otkolku od svoite vo svojot kraj. Ocekuvam poveke vakvi osvrti od Ljupco vo idnina. Pozdrav.
Од: Martin
Датум: 27.02.2009 04:26:46
Уште една изворедна анализа од професорот Печијарески.Како на тацна, сервирана е анализата на целокупната состојба во Македонија од аспект на можноста за слободоумност, критичност, (се разбира засновани врз факти) развој и просперитот преку размена на мислења и идеи.Многу луѓе во Македонија знаат да речат и да се запрашаат: па добро каде се интелектуалците или каде е интелектуалниот свет во Македонија? зошто молчат? Но тоа е погрешно прашање. Многу поточно би било да се праша: каде се политичарите и политичките партии да го слушнат глаот на интелктуалниот свет? Се чини дека сеуште се глуви и не сакаат да прифатат ништо друго освен тоа што тие го имаат зацртано.
Од: Гаго
Датум: 27.02.2009 04:33:57
Професоре, уште еден одличен текст. Точно е тоа дека македонската политичка стварност е црно бела. Само да е трагедијата поголема, сега тие што не делееа сакаат да не обединувааат. Во суштина час не делат, час не обединуваат, според сопствените потреби. Но кога сме овци така и ни треба.
Од: tomislav ristoski
Датум: 27.02.2009 06:43:07
Mojata tatkovina e Republika Makedonija. Vo vashiot odlichen tekst , od tripati dvapati ja imenuvate neustavno,a Erol duri od 21 pat -19 pati!
Од: Светлана
Датум: 27.02.2009 08:43:33
Професоре, до кога ќе ги подучувате политичарите. Тие немаат намера нешто да научат. Работите и понатаму ќе си ги тераат по свое. Крајно време е самиот да се вклучите во политика. На тој начин вашето кажување ќе има поголем ефект за граѓаните.
Од: citatelka2
Датум: 27.02.2009 09:27:03
Што им е наеднаш на луѓево? Наеднаш е богохулење да се нарекуваме само Македонија, нешто се случува во редовите на ВМРОвциве??Што сум пропуштила? Од кога тоа треба внатрешно да си зборуваме „уставно„ Република Македонија а во спротивно сме државни непријатели?
Од: Битолчанец
Датум: 27.02.2009 09:34:17
Професоре, со задоволство ги читам вашите колумни. Исто така во вторникот ве гледав во емисијата директно на телевизија Тера. Паметно пишувате - паметно зборувате. Се прашувам зошто луѓе како Вас не се влучуваат во политичкиот живот. Во тој случај работите можеби би се менувале на подобро.
Од: Pogresen kolosek
Датум: 27.02.2009 10:42:59
Makedonskiot demokratski i tranziciski voz bese postaven na pogresen kolosek uste od samiot po;etok! A, pogresno postaven voz nikogas ne stignuva na posakuvanata destinacija! Uspesna demokratija i tranzicija imaa samo onie poranesni socijalisticki zemji vo koi na prvite demokratski izbori pobedija opoziciskite partii! A, Makedonija, za zal, startirase so ,,demokratot,, K. Gligorov! I eve ne sega vo ,,nedojdija,,.
Од: sime
Датум: 27.02.2009 10:57:43
Profesore mnogu lugje vo RM na svoja koza go osetile gnevot na masata aku mislele so svoja glava.Tocno na politicarite im trebaat poltroni,toa e patot na "uspehot"vo karierata.Site koi vo pozitivna ili negativna smisla odstapuvaat od sredinata se osuduvani.Duh palanke R.K.
Од: prilep
Датум: 27.02.2009 11:21:54
Одлична анализа на состојбите кај нас,но како прилепчанец сигурно знаете дека во Прилеп ќе ве прашаат: '' a чаре?" Мене ме интересира кој е излезот од оваа ситуација и како Вие размислувате во таа насока. Кога гледаме дека тониме во апатија,во тотална неинспиративност(во уметноста,музиката,твотештвото,науката,политиката) и кога се е сведено на кич-култура на живеење,каде го гледате излезот?Кога сите граѓани без оглед на пол,години,образование,религија...би завзеле ангажиран став,би се залагале за решавање на своите проблеми,можеби има надеж.Но дали е тоа возможно во овие многу матни и тешки времиња?Слободата никој не ја подарува,за неа треба да се избориш!
Од: Ot skopje
Датум: 27.02.2009 13:20:16
Care nemat.
Од: Tulko Drdeski,Tetovo
Датум: 27.02.2009 13:39:18
Vladimire Simonoski treskas gluposti,najverojatno poradi tvojata inferiornost ili nesposobnost da se spravis so peoblemite kade sto zivees.Ako taka mislis pomini vo demokrati i se e "resno".Postojat moj prijatele kriteriumi i toa e toa,a ne sto si stranec,za toa nikoj ne te prasuva.
Од: Student
Датум: 27.02.2009 15:04:33
Abe profesore napisete tarifnik koj od vasite kolegi vo Prilep po kolku evra zema za edna 6-ka vo indeks,pa posle pisuvajte prikazni za mali deca po kolumnite.

Најди! во Утрински
Насловна
Променетиот патриот Љубе Бошкоски сака пакт со народот
Лустрацијата опасно оружје во изборната пресметка
Лустрацијата почна инквизиторски
НБМ стега посилно - само добра плата за кредит
Македонија му се оддолжува на Трајковски
Пресудата за Скопје
Политиката ги здроби учениците во Струга
Бакојани од мисија во мисија за поддршка на грчките ставови
Три хипотези за паѓањето на турскиот „боинг“ во Амстердам
Колку чини грчкото „не“
Хаг го ослободи Милан Милутиновиќ