Хакерите на „Фејсбук“ украле податоци на 10.000 македонски граѓани?
Голем интерес предизвика информацијата дека 20 илјади профили на популарниот сајт биле цел на хакери
Даниела Трпчевска
Голем интерес кај јавноста и кај корисниците на социјалните мрежи на Интернет предизвика последната информација дека над 20 илјади профили на популарниот сајт „Фејсбук“ биле злоупотребени од страна на хакери. Телефоните во Одделот за компјутерски криминал при МВР и во канцелариите на порталот IT.com.mk постојано ѕвонат корисници што сакаат да дознаат дали токму нивниот профил, и-меил адреса и лозинка биле злоупотребени од Интернет-крадците. Процените на компјутерџиите се дека дури 40 отсто, или речиси 10 илјади профили на македонски корисници, се злоупотребени во последниот масовен напад на хакерите на „Фејсбук“. Од Одделот за компјутерски криминал се оградуваат од ваквите процени. Велат дека е невозможно да се знае точната бројка, бидејќи на списоците фигурираат лица со имиња што се слични на македонски, но тие може да се од соседните земји, а голема е веројатноста дека меѓу оние што користат странски имиња како псевдоними, всушност, се кријат македонски граѓани. И едните и другите апелираат на внимателност од страна на граѓаните, кои доколку не се претпазливи лесно можат да станат плен на најразлични злоупотреби во виртуелниот свет.
Граѓаните што се заинтересирани дали со својата невнимателност станале плен на хакерите, тоа лесно можат да го проверат доколку појдат на линкот http://www.it.com.mk/facecheck.php. Постапката е едноставна, доволно е само да ја внесете вашата и-меил адреса со која сте логирани на „Фејсбук“ и веќе за дваесетина секунди ќе добиете повратна информација. Доколку добиете порака „Сменете си ја лозинката“ значи дека вашиот профил бил злоупотребен. Во спротивно, доколку на вашиот екран се појави пораката „Не сте во листата“ немате причина за паника – тоа значи дека вашиот профил не е на долгиот список злоупотребени корисници.
Експертите за компјутерски криминал ги смируваат граѓаните чии лични податоци биле украдени и велат дека нема место за паника. Она што треба веднаш да го направат злоупотребените корисници на социјалната мрежа, е да ја сменат и-меил адресата со која се логираат на „Фејсбук“, лозинката и сите приватни податоци што ги внеле. Тоа е најсигурен начин да се заштитат од хакерите.
Дамјан Арсовски, уредник на порталот IT.com.mk кој деновиве често информираше за најновиот хакерски упад и ги едуцираше корисниците што да преземат за да се заштитат, вели дека секојдневно се зголемува бројот на злоупотребени граѓани кои бараат помош како да се спасат од хакерите. Според него, проблемот не е воопшто за занемарување, бидејќи со крадењето на податоците на корисниците хакерите можат да им создадат милион мали проблеми.
„Многу луѓе наседнале на измамата, а списокот постојано се проширува. Според процените, најмалку 40 отсто од профилите што се злоупотребени се на македонски граѓани. На тој начин лесно може да дојде до кражба на идентитет, бидејќи тој што го украл податокот може да се логира место вистинскиот корисник, да му ги чита личните пораки, да има пристап до неговата пошта и до личните податоци“, вели Арсовски.
Според надлежните од компјутерски криминал, често се случува луѓето да поставуваат и важни службени документи на мрежата, што често ги разменуваат со колегите. Со ваквите непромислени постапки тие стануваат лесен плен за хакерите. Проблемот станува уште посериозен ако се земе предвид дека преку крадењето на податоците од „Фејсбук“, хакерите често буквално на тацна добиваат пристап и до останатите приватни и-меил адреси на корисниците. Ова е можно во случај корисникот да употребува иста и-меил адреса и за логирање на социјалните мрежи и за приватната Интернет-пошта. Измамата на која досега наседнаа 20 илјади корисници на „Фејсбук“ од целиот свет се' уште е активна. Функционира на тој начин што пристигнува навидум нормална порака дека некој од вашите пријави ви напишал нешто на „ѕидот“ или дека коментирал на ваша фотографија. Кога ќе кликнете на линкот, тој ве води до нова страница што навидум е идентична на „Фејсбук“. Курцшлусот настанува кога од вас повторно ќе се побара да се логирате, односно да ги внесете вашиот и-меил и лозинката. Штом го направите тоа, влегувате во хакерската мрежа, каде што само за секунда вашите податоци веќе не се приватни!
Најпопуларната мрежа „Фејсбук“ често е мета на најразлични хакерски напади. Затоа надлежните ги предупредуваат корисниците да не наседнуваат на секакви апликации, кои секојдневно им пристигнуваат, бидејќи и најобичните кривози можат да бидат темпирана бомба за злоупотреба на приватните податоци, кои никогаш не се знае во чии раце ќе завршат.
|