Број 3082  четврток, 10 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Владата сака да стави рака врз синдикатите

Според ССМ, со најновите владини предлози за измени во ЗРО, државата планира да ги контролира синдикатите

Маја Томиќ

Правата на работниците и синдикалното организирање во државата ќе претрпат сериозен удар доколку се усвојат најновите предлог-измени во Законот за работни односи, по барање на Владата, а кои се во собраниска процедура. Да потсетиме дека станува збор за Закон кој од донесувањето во јули 2005 година, па се' досега, сигурно е најизменуваниот и најдополнуваниот Закон во земјава, со по неколку корекции годишно.

Во ССМ предупредија дека последните предложени измени, посебно во делот на репрезентативноста на синдикатите, водат кон создавање владини контролирани синдикати. Според портпаролот на ССМ, Милан Живковиќ, намалувањето на цензусот на членството за формирање на синдикат, од една страна, е позитивна промена, затоа што со повеќе синдикални субјекти ќе има нови услови за преговарање и за водење социјален дијалог со партнерите. Но, негативно е што тоа води кон опасноста Владата да го контролира функционирањето на синдикатите. Проблематичен е начинот на определување на репрезентативноста. Според предлозите, неа ќе ја оценува комисија составена од три министерства, Министерството за труд и социјална политика, за правда и за економија, чии ингеренции во предложените измени се' уште не се јасно прецизирани.

„Ваков состав на комисија е невидена работа во цивилизираниот свет. Македонија ќе биде единствената земја во која условите за синдикално организирање ќе бидат диригирани од Владата“, изјави Живковиќ. Тој додава дека со тоа директно се крши член 213 од Законот за работни односи, според кој репрезентативен синдикат за преговарање и за склучување колективни одговори е оној кој има 33 отсто од вкупниот број вработени во гранката или дејноста.

Според ССМ, со измените во ЗРО, освен што се кршат директиви на ЕУ, директно се нарушуваат меѓународните конвенции, поточно конвенциите 87 и 144 од Меѓународната организација на трудот, кои јасно укажуваат на слободата на синдикалното организирање, односно на немешањето на Владата во начинот на организирањето на работниците.

Дека со измените Владата, преку Министерството за труд и социјала, како предлагач на измените, цели да го разниша синдикализмот, ССМ укажуваше уште пред два месеца, пред предлог-текстот да биде доставен во Собранието.

Меѓу другото, со измените се бара, во фирми каде што веќе има колективни договори на ниво на работодавец, да бидат потпишани нови. Во репрезентативниот синдикат на ниво на државата треба да бидат здружени само 10 отсто од вкупниот број вработени, потоа се предлага да има синдикат на јавниот сектор, во кој треба да се зачленети 20 отсто од вработените, синдикат на приватен сектор, со исто толку членство, а 20 отсто членство треба да брои и посебниот синдикат кој ќе ја претставува соодветната гранка. Овој процент во претходниот законски текст изнесуваше 33 отсто. Репрезентативноста на сите овие синдикати ќе ја преиспитува посебна комисија на Владата, на секои три години. ССМ реагираше на овие промени, бидејќи со нив се ситни и се растура синдикалното движење, а на работодавците им се дава можност за манипулирање со синдикатот. Познавачите на состојбите велат дека во измените, всушност, се крие намерата на Владата да го десеткува синдикалното движење и да форсира поединци, синдикални и партиски послушници.

Најмногу ССМ реагира затоа што во нивната подготовка воопшто не биле вклучени и не бил информиран Економско-социјалниот совет, каде што членува и ССМ, со што грубо се кршат европските стандарди за водење социјален дијалог.

Според другите предлози во ЗРО се и измените во прекувремената работа, ноќниот труд, работењето во смени, паузата за време на работа и правото на дневен одмор. Владата предлага ноќната работа да може да се извршува во тек на четири месеци. ССМ предлага работата ноќе да може да биде најмногу една недела во месецот, а така беше во изминатите 40 години.

Додека досега за паузата во работното време беа предвидени 30 минути, сега се предлага овој термин да важи само за вработени со над шестчасовно време, што ќе предизвика проблеми кај лицата кои работат со скратено работно време. Предлагачот на измените бара во текот на една недела работникот да може да работи десет часа прекувремено наместо осум, како што предлага ССМ, а со цел да можат да се ангажираат повеќе невработени лица.

Според објаснувањата на Министерството за труд, измените биле според европски стандарди, а главните причини за нивно донесување е потребата од хармонизација на ЗРО со препораките на Европската комисија и на МОТ. Комисијата која ќе ја утврдува репрезентативноста на синдикатите ќе биде составена од девет члена и нема, според МТСП, да има улога да оценува дали синдикатот е репрезентативен или не, туку врз основа на приложената документација од синдикатот ќе ја утврдува конкретната состојба.

ССМ на јавната расправа за измените во ЗРО минатата недела во Собранието се изјасни дека предложеното законско решение води кон растурање на синдикалното движење и дека има правна несигурност во сите одредби. Синдикатот не се согласува со начинот на утврдување на репрезентативноста на синдикатите, посочија неговите претставници, а лошо решение е што се предлага и бришење на обврската работодавецот во рок од три дена да го пријави работникот. Опозициската СДСМ, исто така, смета дека измените на Законот се политички упад во синдикалното организирање и значат негово растурање. Тие внесуваат дополнителна конфузија и не решаваат ништо од областа на трудовото право, сметаат опозиционерите.

 


#
Статијата е прочитана 490 пати.

Испрати коментар

Од: gjore
Датум: 10.09.2009 11:47:07
Во Македонија не постои Министерство за труд и „социјала“, а кога ќе го прочитам ова многу ми личи како кога некој маалото Шуто Оризари ќе го крсти уличарски „Шутка“. Некој да ми кажеше не ќе верував дека и Утрински пишува на уличарски јазик... А што е тоа „социјала“, макар и на уличарски јазик: сиромашни и неписмени без приход или некои институтции кои на болните да речеме им даваат пензија, или пак помош ако се нподвижни, или пак храна за просјаци и сл.?
Од: verag
Датум: 10.09.2009 13:11:46
До сега го имаше синдикатот во образоването на брадестиот,како ли му беше име, но секако тоа не е доволно.

Најди! во Утрински
Насловна
Лозарите во паника, паѓа цената на „кратошија“
Бродот „Илинден“ потонал и за време на Втората светска војна?
Мизеријата на Борисов
За 10 минути Хрватите ни го урнаа сонот за два бода во втората фаза
Зденко
Награда за едни, казна за други
Хакерите на „Фејсбук“ украле податоци на 10.000 македонски граѓани?
Македонец упаднал во куќата на Јованка Броз во Белград
Магична полнолетност
Македонија топ-реформатор - ама без инвестиции
Куполите на Собранието „изгореа“ со ребалансот
Шесткатница на плоштадот „Македонија“
Бакојани си бара работа во Брисел
Во поплави во Истанбул загинаа 23 лица