Број 3082  четврток, 10 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Куполите на Собранието „изгореа“ со ребалансот

Буџетскиот совет се согласи да се повлечат околу 50 милиони денари предвидени за старт на надградбата

Оливера Војновска

Изградбата на трите куполи на зградата на Собранието повторно се одложува, овој пат за наредните две години. Парите планирани за старт на надградбата, во износ од околу 50 милиони денари, се стопија со претстојниот ребаланс на Буџетот. По два неуспешни тендера за надградба на парламентот, Буџетскиот совет на Собранието вчера се согласи да се повлече споменатата сума, предвидена за почетните активности.

Па наместо годинава, реконструкција на објектот се поместува за наредните две години и за таа цел во буџетското барање на Собранието за периодот 2010-2012 година, се предвидени вкупно 660 милиони денари. За првата фаза, што подразбира зајакнување на постојниот објект и треба да се изведе во 2010 година, планирани се 280 милиони денари. Куполите ќе се градат во втората фаза што треба да се реализира во 2011 година, за што се определени 380 милиони денари.

Сепак, прилично дискутабилно е како ќе се обезбедат околу 11 милиони евра за реализација на овој амбициозен проект. И дали воопшто ќе почне изградбата на куполите, кои имаа приоритетно значење за владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Досега, поради процедурални или некакви други пропусти во документацијата на учесниците, пропаднаа два тендера. Вториот конкурс беше поништен на 25 јуни, поради несоодветни цени и нецелосна документација. Според официјалното објаснување, трите заинтересирани фирми „Бетон“, „Гранит“ и „Конструктор“ - Сплит понудиле превисоки цени, околу 12 милиони евра. Компаниите не доставиле ниту спецификации за материјалите, што исто така им се зема како голем пропуст.

Тоа се истите фирми кои учествуваа и на првиот тендер што пропадна пред шест месеци, исто така поради скапите понуди. На првиот конкурс „Бетон“ понуди 16,7 милиони евра, „Гранит“ - 17,6 милиони евра и „Конструктор“ од Сплит - 14,4 милиони евра.

Од Собранието цело време уверуваат дека проектот не се турка настрана. Сепак, досега нема распишано нов тендер за изградба на куполите.

Вчера Буџетскиот совет на Собранието го разгледаа вториот ребаланс на Буџетот за 2009 година, со кој вкупниот буџет на парламентот е намален за 16,9, проценти во однос на претходниот ребаланс од средината на годинава. Имајќи разбирање за економската ситуација предизвикана од светската економска криза, членовите на ова тело се согласија да се намалат одредени ставки. Притоа, како што беше објаснето, „средствата за надградба на собраниската зграда се повлекуваат, бидејќи целата постапка за избор на изведувач ќе биде повторена и не се очекува таа да заврши до крајот на годината“.

Инаку, проектот за изградба на куполите - една огромна централна и две странични, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го турка уште од преземањето на власта во 2006 година. Идејата за реконструкција на парламентот пред речиси три години ја пласираше ексспикерот Љубиша Георгиевски, а беше протуркана во Собранието како решение за просторните проблеми на пратениците. Стручната јавност жестоко ја критикуваше идејата за изградба на куполи на парламентот, што се смета за една од најскапите инвестиции од буџетски средства. Експертите се убедени дека надградбата на Собранието немаше да чини толку да не беа куполите кои ќе се прават од метална конструкција со специјално стакло со кружни форми. (О.В.)


#
Статијата е прочитана 406 пати.

Испрати коментар

Од: Ајван Доктор®
Датум: 10.09.2009 08:25:51
Кутрите „наши“ парламентарци! Па тие навистина немале простор. Ма тие се навистина Гревчиња, немале ниту Пари! Уште малку ќе почнат да бараат од граѓаните да им фрлаат по некое Метално Париче (пред зградата на бедната Збирштина). За да можат да си присоберат, по нешто, за - не дај боже! Лопата!!!! Да садиме Дрва!!!

Најди! во Утрински
Насловна
Лозарите во паника, паѓа цената на „кратошија“
Бродот „Илинден“ потонал и за време на Втората светска војна?
Мизеријата на Борисов
За 10 минути Хрватите ни го урнаа сонот за два бода во втората фаза
Зденко
Награда за едни, казна за други
Хакерите на „Фејсбук“ украле податоци на 10.000 македонски граѓани?
Македонец упаднал во куќата на Јованка Броз во Белград
Магична полнолетност
Македонија топ-реформатор - ама без инвестиции
Владата сака да стави рака врз синдикатите
Шесткатница на плоштадот „Македонија“
Бакојани си бара работа во Брисел
Во поплави во Истанбул загинаа 23 лица