Македонија топ-реформатор - ама без инвестиции
Земјава е рангирана на 32. место и оствари скок од 37 места во однос на лани, стои во најновиот извештај на Дуинг бизнис 2010
Соња Маџовска
Македонија е топ-реформатор според Дуинг бизнис на Светска банка, ама и натаму останува на дното по влез на странски инвестиции во споредба само со земјите од регионот, а за подалеку не ни станува збор.
Во најновиот извештај на Дуинг бизнис 2010, Македонија е рангирана на 32. место меѓу 183 држави и оствари скок од 37 места во однос на лани, кога беше на 69. позиција. Истовремено, Македонија е трета меѓу топ-реформаторите во светот на листата што ја објавува Светска банка секоја година, заедно со извештајот Дуинг бизнис.
Секоја година Светска банка не' качува се' погоре и погоре на своите листи, според кои се гледа колку земјава напреднала во подобрувањето на условите за водење бизнис. Тоа е во делот на регулативата, но очигледно нема напредок во промената на перцепцијата на инвеститорите за земјава.
Според постојаниот претставникот на СБ во земјава, Маркус Репник, Македонија регистрирала голем напредок во делот на регулативата, но тоа е само еден сегмент. Тој смета дека за да се зголеми нивото на инвестиции, постојат и други бизнис-фактори, како што се макроекономската стабилност, перцепцијата на инвеститорите за земјава, но и инфраструктурата.
„Не треба да се смета дека високо рангирање автоматски значи и зголемување на странските инвестиции. Истражувањето на Дуинг бизнис е базирано на факти, а не на впечатоци. Станува збор за бројки за законски измени, регулаторни реформи, како што е, на пример, потребното време за започнување бизнис. Странските инвестиции се од исклучително значење за мала земја без излез на море. Дуинг бизнис го разгледува деловното опкружување преку очите на домашна, локална фирма. Имајќи предвид дека Македонија беше на 92. место пред три години, а сега е на 32. место, тоа значи дека има напредок во делот на регулаторните реформи. Има временско задоцнување меѓу реформите и инвестициите“, изјави вчера Репник во Скопје, пред директната презентација од седиштето на СБ во Вашингтон, на анализата на Дуинг бизнис 2010.
Според министерот за финансии Зоран Ставрески, извештајот на Дуинг бизнис е најобјективната потврда за квалитетот на економските политики и за спроведените реформи што ги прави Владата, бидејќи потврдата доаѓа однадвор. За него 110-те милиони евра СДИ за првите шест месеци од годинава е солиден резултат, со оглед на кризата.
„Не би се согласил дека немаме странски инвестиции. Минатата година имавме 403 милиони евра, што е три-четири пати по��еќе од просекот во изминатите години и тоа е одличен резултат, имајќи предвид дека последниот квартал од 2008 година, поради светската економска криза, компаниите помалку се решаваа да инвестираат. Оваа година за првите шест месеци имаме 110 милиони евра инвестиции, што со оглед на интензитетот на светската криза е солиден резултат, посебно ако го споредиме со 2005, 2004 и 2003 година и назад во добри години, кога светот одеше напред, кога имаше експанзија на економската активност, Македонија имаше по 100 милиони евра инвестиции годишно“, истакна вчера Ставрески.
СДСМ, пак, го поздрави напредокот и новото рангирање на земјава според Дуинг бизнис, но ја повика Владата да објасни зошто и покрај ваквото рангирање, не доаѓаат нови странски инвеститори во Македонија. „Дополнително, граѓаните сакаат да знаат зошто земјите од регионот за кои министерот за финансии, Зоран Ставрески, еуфорично вели дека се зад нас, имаат, условно, полоша бизнис-клима, ама многу повеќе странски директни инвестиции од Македонија? Во што е проблемот?“, прашуваат од СДСМ.
Инаку, Македонија со тоа што го зазема 32. место на листата Дуинг бизнис 2010 е рангирана најдобро во регионот, пред Бугарија, која се наоѓа на 44. место, Словенија на 53., Романија на 55., Црна Гора е 71., Турција 73., Албанија - 82., Србија - 88., Хрватска најмногу отишла надолу и се наоѓа на 103. место, и Грција е далеку зад нас на 109. место, Косово - 113. и Босна и Херцеговина од земјите во регионот најлошо стои, заземајќи го 116. место.
И тука се отвора дилемата зошто, на пример, Албанија е 50 места подолу од нас, ама таму влегуваат милијарди евра.
„Албанија беше еден од топ-реформаторите минатата година, презеде големи чекори за да ја подобри регулативата. Постојат и други бизнис-фактори што влијаат на одлуките на инвеститорите“, истакна постојаниот претставник на СБ во земјава.
Земјите на листата Дуинг бизнис се рангирани според десет категории.
Земјава најлошо стои во категориите „регистрирање имот“ и „затворање на бизнисот“. На 137. место Македонија е рангирана според критериумот за одобрување дозвола за градење. Според Светска банка, за да се добие дозвола за градба во земјава, потребни се 146 дена.
Во делот на престанување со работа, СБ пресметала дека на одредена компанија во земјава и' треба време од речиси три години да ја заврши ова процедура. Според овој критериум, се наоѓаме на 115. место, и во однос на лани сме напреднале за 16 места. Како лошо рангирани се сметаат и критериумите за „добивање кредити“ и „присилно спроведување на договорите“.
Голем скок од дури 68 места во однос на минатогодишната листа, Македонија бележи во заштитата на инвеститорите. Како придобивка за инвеститорите се сметаат донесените измени на Законот за трговски друштва со кои се зголемува транспарентноста на трансакциите меѓу акционерските друштва со поврзани лица. Исто така, во позитивната оценка влегува и обврската на акционерските друштва кои котираат на Берзата неодложно да ги објавуваат информациите за сите трансакции до Комисијата за хартии од вредност. Скок од 64 места, пак, има во делот на вработувањата. СБ оценува дека земјава направила важни реформи со измените на Законот за работни односи од август 2008 година, насочени кон зголемување на флексибилноста на пазарот на труд.
Македонија е најдобро рангирана во категоријата „започнување бизнис“ и се нагласува дека фирма во земјава се регистрира со четири процедури за четири денови, без минимален капитал. Добри резултати Македонија има и во областите „плаќање даноци“ и „прекугранично тргување“, според кои земјава се наоѓа на 26. место, односно 62. место.
Најдобри на светот за водење бизнис, според оваа листа, се Сингапур, Нов Зеланд, Хонг Конг, САД, Велика Британија, Данска, Исланд, Канада, Австралија и Норвешка, а на дното на листата се Централноафриканската Република, Конго, Демократска Република Гвинеја - Бисао, Сао Томе и Принципе, како и Република Конго.
Светска банка, секоја година, заедно со извештајот Дуинг бизнис, ја објавува и листата на топ-реформатори на светот, на која и годинава се најде Македонија, на високото трето место. Прв пат годинава топ-реформатор е земја од Супсахарска Африка и тоа Руанда, а по неа следуваат Киргистан, Македонија, Белорусија, Обединетите Арапски Емирати, Молдавија, Колумбија, Таџикистан, Египет и Либерија.
|