Македонија и Србија ги поправаат односите
Спикерот Велјановски во посета на Белград
Од нашиот известувач Светлана Унковска
Белград – Претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, вчера беше во Белград на разговори со српското раководство за поправање на односите меѓу двете земји откако Македонија во октомври минатата година ја призна независноста на Косово. Тоа признавање фрли сенка врз долгогодишните добри односи меѓу двете земји.
Српскиот премиер Мирко Цветковиќ, по средбата со Велјановски изјави дека „ова е важен чекор во обновувањето на духот на добрите соседски и пријателски меѓусебни односи“.
Шефовите на двата парламента, Трајковски и Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, се согласија дека двете соседни држави треба да ја развиваат и унапредуваат заемната соработка на сите полиња.
„Соработката на двете пријателски држави ќе даде поттик за воспоставување поголема соработка затоа што економиите меѓу двете земји се блиски и интензивни . Многу е значајно Македонија и Србија во текот на годинава да добијат визна либерализација, за која ние добивме препораки од европските институции, а до крајот на годинава очекуваме да добиеме датум за започнување преговори со ЕУ“, истакна шефот на македонскиот парламент, Велјановски.
Претседателката на српскиот парламент, Ѓукиќ-Дејановиќ, се заблагодари на тоа што, и покрај политичките обврски на Велјановски поради претстојните претседателски и локални избори, сепак, ја прифатил нејзината покана, со што се конкретизираат и интезивираат соработката на двата парламента.
„Добро воспоставената соработка ќе биде добар мост за продолжување на економската, политичката и државната соработка“, истакна Ѓукиќ-Дејановиќ.
Велјановски претходно се сретна и разговараше со премиерот на Србија, Мирко Цветковиќ, на која шефот на македонскиот парламент се заложил македонскиот јазик да биде внесен во Европската повелба за регионални малцински јазици, која Србија ја има ратификувано. Премиерот Цветковиќ даде уверување дека ова наскоро ќе биде исправено и дека со тоа Македонија и Србија ќе ги продолжат добрососедските односи, по извесното оддалечување поради признавањето на Косово од македонска страна. Св.У.) |