ЕДИТОРИЈАЛ
Фармерите - монети за поткусурување
Александрија Стевковска
Фармерите станаа граѓани од последен ред во земјава. Ги подгазуваат и старите и новите газди на „Сведмилк“, а покуса не остана ни Владата која најави кривични пријави за „нарушителите на редот и мирот“, како што ги оквалификуваа сточарите кои протестираа во петокот. И како да не беше доволно што на револтираните сточари, кои само си ги бараат парите и помош од власта, никој не сака да им помогне, туку дополнително, еден по еден полицијата почна да ги вика на информативен разговор, обвинувајќи ги за нешто што не е докажано дека го направиле. Наводно, лепеле плакати на кои премиерот Груевски пие јогурт со ексдиректорот на „Сведмилк“, Оскарсон. Дури и да лепеле плакати со почитуваниот ни премиер, зарем е тоа монтирана слика и од кога е забрането лепењето плакати, кога сега нема слободна бандера за практикување таква активност. Или Владата многу повеќе ја заболе критиката насочена кон нејзиниот прв човек, отколку протестот како начин на изразување на народното незадоволство.
На крајот на краиштата, зарем Владата не треба конечно да признае дека не излезе фер спрема фармерите? Убаво и' беше кога на млекарницата и' одеше навидум добро, кога првиот јогурт го проба и наздравуваше со него премиерот Груевски, па дури ја искористи изјавата на директорот Оскарсон полна со пофалби за неа во една своја реклама пред вонредните парламентарни избори! И сега истата таа власт си ги мие рацете од сточарите. Па, зарем тие луѓе кои се наоѓаат на работ на егзистенцијата заслужуваат такво нешто? Зарем оваа држава не е татковина на сите, вклучувајќи ги и фармерите, кои пак сега станаа монети за поткусурување и меѓусебно обвинување на власта и опозицијата, за тоа кој кумуваше на ваквата ситуација.
И наместо да се гонат „крадците“, како што фарм��рите ги нарекоа новите, но и старите газди на „Сведмилк“, државата повторно удри по најнедолжните, и преку нивниот грб ги прекрши ветувањата дека новите инвестиции кои ги донела таа ќе донесат поубаво и посветло утро.
А, дека од таквите инвестиции веќе на сите им падна мрак на очите, покажуваат бројките на оние кои останеле без работа, без пари за да го преживеат месецот, да ја прехранат стоката. Како потоа некој да помисли дека има правдина во државава, кога се казнуваат оние што работат чесно, а се толерираат оние кои се обидуваат на секаков начин да излажат и да украдат. Калимеро одамна го нема, а со него се погребани и сите надежи дека правдата живее, за да може некој да се надева на неа.
Млекото овој пат навистина претече, заедно со трпението на неколку илјади македонски фармери кои не добија ни денар од парите што им припаѓаат и кои сега не само што не знаат како да ги прехранат семејствата туку може да останат и без своите домови, бидејќи банките почнаа да ги активираат хипотеките за кредитите што им ги одобриле претходно. Изневерени, излажани и изманипулирани, на различен начин го искажуваат својот револт и очај, но излезе дека тие се немоќни да променат што било, а најмалку да го променат игнорантскиот однос на власта спрема нив, па дури и во ова изборно предвечерје. И како сето тоа да беше малку, новиот газда на „Сведмилк“ на крајот успеа и да ги разедини фармерите, потпишувајќи со едни договор за исплата, заобиколувајќи ги другите кооперанти на млекарницата, што внесе семе на раздор меѓу нив, принудувајќи ги едни во други да гледаат непријатели, кои можат само да ја намалат сумата на пари за нивна исплата. Ваквата ситуација, конечно, покажува дека црвената линија на толеранција е одамна премината и дека е крајно време некој во државава да се ангажира за да се реши проблемот со сточарите, но и да се расчисти со криминалот во „Сведмилк“.
Како и да е, приказната со „Сведмилк“ се' повеќе се устоличува како парадигма на македонската економија. Има оштетени луѓе, има криминалци, а решение нема на повидок, бидејќи државата не гледа криминал. |