Мислења
Вештото балансирање на Белорусија
Чарлс Грант
Се чини дека Лукашенко сака да биде на еквидистанца меѓу ЕУ (најголемиот пазар за извоз) и Русија (главниот извор на увозот)
Во споредба со повеќето поранешни советски држави, Белорусија има многу нешта што привлекуваат. Владата е помалку корумпирана отколку во соседните Русија и Украина. Белорусија нема олигарси, бидејќи државата никогаш не ги продаде своите големи компании, а социјалната нерамноправност е ниска. На чистите улици на Минск се забележуваат помалку лимузини - или други претерани изрази на богатство - отколку во Киев или Москва. БДП по глава на жител е над 50 отсто повисок отколку оној на Украина. Жителите на Белорусија сметаат дека нивната држава е доволно добро водена и, како што велат некои, „речиси балтичка“.
Белорусија и натаму е најавтократската држава во Европа и единствена која не е во Советот на Европа, односно клубот на демократски земји. Претседателот Александар Лукашенко ја води Белорусија од 1994 година. Парламентарните избори во септември не беа ниту слободни ниту фер. Во 2004 година, кога Европската унија воспостави европска политика на соседство - проектирана да се изградат поблиски односи со северноафриканските, блискоисточните и источноевропските земји - Белорусија беше единствената соседна земја која не доби покана да се приклучи. Сепак, при посетата на Минск, прв пат за три години, забележав некои промени. Политичкиот систем е малку полиберален, иако реформите се површни и лесно би можело да ја сменат насоката. Подлабока промена е тоа што Лукашенко ја оддалечи Белорусија од Русија и ја приближи кон ЕУ. Економската криза веројатно ќе ја засили таа промена.
Во август, владата го ослободи последниот политички затвореник. Како одговор, ЕУ ја суспендираше забраната за визи, што ја воведе за некои високи претставници на Белорусија. Последниве месеци владата дозволи два независни весника да бидат дистрибуирани од државниот монопол за весници (иако десетина други останаа исклучени). Шефот на претседателската администрација, Улаџимиер Макај, формираше консултативни совети и покани претставници на опозициските партии да им се приклучат. На еден лидер на опозицијата, Александар Милинкевич, му беше дозволено да регистрира партија.
А, сепак, некои во владата фрлаат студена вода на оваа пробна „Минска пролет“. На 8 февруари беа уапсени тројца воени ветерани од Авганистан, од кои двајца поранешни политички затвореници. Дипломатите шпекулираат дека владата можеби се обидува да ги поврзе со нерешениот бомбашки напад што се случи во Минск во јули. Потоа, на 14 и 16 февруари, полицијата употреби сила да ги разбие малите демонстрации на опозицијата. Европската унија ќе ги разгледува тие конфликтни сигнали во април, кога ќе решава дали да го продолжи суспендирањето на забраната за визи, и во мај, кога ќе ја поведе Иницијативата за источно партнерство на самитот во Прага. Претпоставките во Брисел се дека висок лидер од Белорусија треба да биде поканет на тој настан. Сепак, ако стане јасно дека случајот против тројцата затвореници е политички, а тие не бидат ослободени, веројатно ќе заврши она што Лукашенко го објаснуваше како „затоплување“ во односите со ЕУ.
Поширокиот геополитички контекст ја охрабри ЕУ да ја инволвира Белорусија. Пред две години Русија ги прекина испораките на нафта и гас во земјата поради расправии околу цената. Според договорот со кој беше окончан спорот, Белорусија требаше да плаќа повеќе отколку што плаќаше, но економијата се' уште има големи бенефиции од релативно евтините нафта и гас од Русија. Откако се случи спорот, се чини дека Лукашенко сака да биде на еквидистанца меѓу ЕУ (најголемиот пазар за извоз) и Русија (главниот извор на увозот).
Спротивно на периодот пред три години, државната телевизија понекогаш ја критикува Русија - на пример, изрази сочувство за Украина за време на кризата со гас во јануари. Кога Русија ја призна независноста на Абхазија и на Јужна Осетија, по војната во Грузија, Белорусија одби да го направи тоа. По војната, ЕУ реши да им понуди поголема помош на источните соседи за да не може Русија да ги внесе во нејзината „сфера на влијание“. Така ЕУ настапи со Иницијативата за источно партнерство, која се потпира на постојната политика на соседство. Веројатно, новото партнерство не нуди голем договор кој не би бил остварлив со политиката на соседство. Но, владата, алармирана од економската криза, се чини дека е решена да заземе позитивен став за ЕУ. Заработувачката од извоз, која вообичаено опфаќа 60 отсто од БДП, опадна. Во октомври, Русија се согласи да и' зајми две милијарди долари и достави половина од парите. Условите кои Русија може да ги додаде не се познати: досега Лукашенко даваше отпор на притисокот да се прифати руската рубља, иако се согласи да се приклучи кон заедничкиот систем на воздушна одбрана. Во декември, ММФ и' вети на владата 2,5 милијарди долари во замена за девалвација на белоруската рубља на 1 јануари за 20 отсто. Белорусија бара повеќе заеми од Исток и од Запад.
Америка, како и ЕУ, го поддржува ангажирањето. Сепак, нејзините односи со Минск се постудени: минатата година повеќето дипломати беа протерани, и САД гласаа против заем од ММФ. Покрај тоа, смета дека ЕУ понекогаш е премногу мека. Дипломатите веруваат дека група „модернизатори“ околу Макај е сериозна околу идејата за извлекување на Белорусија од студените односи. Некои признаваат дека фокусот на ангажираноста би можел да доведе ЕУ да биде попустлива за човековите права. Но, тие се непопустливи дека Белорусија не може да се приклучи кон Источното партнерство ако има политички затвореници.
Некои лидери на опозицијата имаат минимална почит спрема Лукашенко, бидејќи тој вешто маневрираше за да ја одржи независноста на Белорусија. Но, ако тој е сериозен за еквидистанца меѓу ЕУ и Русија, треба да дозволи либерализација. Со оглед на економските проблеми на државата, ЕУ и Русија треба заедно да соработуваат - и со меѓународните финансиски институции - за да и' помогнат на Белорусија. Но, нема знаци дека се случува тоа.
(Авторот е директор на Центарот за европски реформи во Лондон) |