Надморската височина влијае на брзината на топката
Влијание на резултатите на СП во Ј. Африка, покрај потезите на играчите, грешките или одлуките на судиите, ќе има и надморската височина
Од десет стадиони, на кои ќе се играат натпреварите на Mундијалот, шест се сместени на висока надморска височина. Највисок град домаќин во Јужна Африка ќе биде Јоханесбург на 1.750 метри, додека Растенбург, Блумфонтејн, Преторија и Полокване се наоѓаат на висина меѓу 1.200 и 1.500 метри.
Токму поради тоа, реткиот воздух, но и фактот што во Јужна Африка наскоро почnува зимата, ги натера сите учесници, а особено нивните лекарски екипи, дополнително да поработат на подготовките. Затоа неколку селекции отпатуваа во Ј. Африка неколку недели пред почетокот на турнирот, додека некои репрезентации се подготвуваа во планински предели.
Од сите репрезентации, сепак, се издвојуваат јапoнската и англиската. Јапонците со себе во Јужна Африка понесоа и боци со кислород, додека избраниците на Фабио Капело во текот на подготовките последната година беа изложувани на различен концентриран кислород. Интересно, тие кои се покажаа како најчувствителни добија посебни шатори во кои спиеја.
Освен на играчите, надморската височина ќе влијае и на топката, затоа што, на пример, таа што ќе биде упатена од слободен удар од 18 метри во Јоханесбург побрзо ќе стигне до гол-линијата, отколку во Дурбан. Поради поголемата надморска височина на стадионот „Сокер Сити“ топката ќе биде побрз за околу пет отсто, и ќе лета со просечна брзина од 126 километри на час, за шест километри побрзо во однос на другите стадиони.
На натпреварите големо влијание ќе има и температурата. Во зима Дурбан има совршени услови за фудбал, додека во Преторија и Јоханесбург играчите може да очекуваат студени денови. |