Денес блокада на возовите
Денес меѓународните патнички возови ќе сообраќаат само до Гевгелија, од каде што и ќе тргнуваат, поради штрајк на Панхелистичкиот сојуз на железничарите во Грција, соопшти „МЖ - Транспорт“. За патниците не е обезбеден трансфер до и од Солун.
Инаку, вработените во градскиот транспорт и железниците во Грција денес се приклучуваат кон генералниот 24-часовен штрајк, закажан од двете главни синдикални централи во земјата - Генералната конфедерација на трудот ГСЕЕ и Федерацијата на државни службеници АДЕДИ, во знак на протест против пензиската реформа.
Поради штрајкот нема да сообраќаат автобусите, тролејбусите, метрото и возовите. Засега нема одлука дали и трамвајските работници ќе се приклучат кон денешниот штрајк, што треба да го блокира државниот и приватниот сектор во земјата. (Ек.Р.) |