Граѓаните да бидат мирни - денарот стабилен
Министерот за финансии, Ставрески, уверува дека и покрај падот на еврото, курсот на денарот ќе остане ист
Соња Маџовска
Вредноста на денарот во однос на еврото нема да се промени, без разлика што на светските берзи секој ден слабее еврото, дециден е министерот за финансии, Зоран Ставрески. „Никој не може да процени каков ќе биде соодносот меѓу еврото и доларот било на краток рок било на долг. Иако очекувањата се дека поради слабостите на европската економија и должничката криза, еврото ќе слабее, граѓаните можат да бидат сигурни во тоа дека вредноста на денарот во однос на еврото ќе остане непроменета, а во тој поглед и нашите политики ќе останат исти“, изјави вчера Ставрески.
Турбуленциите на светските берзи, односно падот на вредноста на еврото и јакнењето на доларот, оваа недела се почувствуваа и на македонскиот менувачки пазар, па така, граѓаните почнаа многу повеќе да купуваат долари од евра. И вчера се бараа повеќе долари од евра, а доларот се продаваше 50,6 денари, а се откупуваше 49,6 денари.
Домашните експерти се надеваат дека курсот на еврото ќе се стабилизира, поради единството на Европа да ја заштити еврото по секоја цена. „Прв пат Европа е сведок на една специфична криза поради состојбите во Грција, како и опасноста од криза и во други земји. ЕУ има задоцнет одговор на грчката криза и тоа направи да има дополнителни трошоци. Она што влева оптимизам е што Европа покажува единство во одбрана на еврото. Тоа е добро за Македонија, бидејќи тоа е тој чадор за кој се грижи земјава. ЕУ по секоја цена го брани еврото и добро ќе биде ако еврото се стабилизира на што пократок рок“, вели професорот Љубомир Кекеновски. Тој смета дека кризата во Грција се' уште не го достигнала дното, но ако тоа се случи, Кекеновски предупредува на сериозни последици врз домашната економија. „Досега имаше познати канали што не профункционираа за прелевање на кризата од Грција во Македонија. Добро е што банкарскиот сектор е конзервативен и поради тоа ќе остане стабилен. Но, мислам дека грчката криза се' уште не ја достигнала долната точка не само по монетарна туку таа може да оди по социјална, економска и политичка длабочина и нестабилност, а тоа е она што може да ја загрози Македонија. Тоа би значело проблем со затворање на границите, пристаништето и тоа може индиректно да ја загрози Македонија“, смета Кекеновски. Тој вели дека за нас сега е важно тоа што ЕУ покажува единство околу финансиската регулација, фискалните дефицити и околу контролата на водење строга монетарна политика. Според Кекеновски, Англија и САД увиделе дека нападот на еврото е преамбициозен, бидејќи проектот за заштита на еврото го водат елити, а не народот. |