07.09.2012, 18:07 Металург нишани на Лига на шампиони
Австрискиот првак Алпла Хард е првата пречка за ракометарите на Металург на квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите, кој ќе се одигра викендов во местото Рикин кај норвешкиот главен град Осло.
Натпреварот е закажан за попладнево од 14 часот, а потоа ќе играат домаќинот Хаслум и Динамо Полтава од Украина. Подобрите од двата дуела ќе се сретнат во финалето в недела од 16,30 ч., од кое победникот ќе избори место во групата Ц од ЛШ, во која се дански Бјерингбро-Силкеборг, словенечки Горење Велење, полски Виве Тарги Кјелце, француски Шамбери Савој и руски Санкт Петербург.
„Иако е малку познат противник, Алпла не е наивна екипа. Сепак, станува збор за првак на држава, за кој играат и неколку интернационалци. Негуваат брз ракомет, со многу трчање“, вели кружниот напаѓач на „металурзите“ Ванчо Димовски.
Дополнителен отежнувачки фактор за македонскиот шампион на третиот квалификациски турнир за ЛШ по Порто пред две години и по Тел Авив лани е отсуството на четворица ракометари. Металург во Норвешка не ги поведе десниот бек Милан Вучичевиќ, кој најверојатно ќе си замине од клубот откако не задоволи со игрите во подготвителниот период, потоа реконвалесцентите Младен Ракчевиќ и Мите Стоилов, како и голманот Никола Митревски.
Алпла беше дел од групната фаза во ЛШ во сезоната 2003/2004, а најголем успех на европската сцена му е финалето на Челинџ купот пред четири години. Ниту еден од сегашниот ростер не играше за Австрија во јунскиот мундијалски бараж со Македонија. За македонските љубители на ракометот најпознат е голманот Голуб Докниќ од Црна Гора, кој своевреме��о бранеше за Вардар про. Тука се и Србите Марко Танасковиќ и Марко Крсманчиќ.
Хаслум во финалето би бил неспоредливо потврд орев поради домашниот терен, иако во новата сезона влегува без својот најдобар играч, норвешкиот репрезентативец Ерленд Мамелунд. Токму со победата над Хаслум од 29:28 на квалификацискиот турнир во Тел Авив минатата сезона Металург влезе во групите од Лигата на шампионите и подоцна стигна до осминафиналето. За Динамо Полтава, пак, ова е трет излез во Европа, прв во најсилното клупско натпреварување на стариот континент.
Вкупно 18 екипи викендов ќе се борат за пет места во групите од ЛШ. Во Белград ќе разигруваат Слога Добој, Партизан, Порто и Ловќен, а во Констанца истоимениот романски тим со македонскиот селектор Звонко Шундовски на клупата ќе ги пречека Татран Прешов, Макаби и Бозен. На вајлд-кард турнирот во Сан Рафаел францускиот тим со тоа име ќе ги нагости Хамбург, Цимос Копер и Висла Плок, а во Минск ќе се одигра и бараж-двомеч меѓу Динамо и Бешикташ. (Р.Д.)
|