08.08.2013, 15:03 Македонските превозници на нафта и ОКТА во војна
„Макамтранс“ обвинуваат дека компанијата не сака да соработува со македонските транспортери, а ОКТА ги отфрла обвинувањата дека ги фаворизира грчките превозници
Превозниците на н��фта влегоа во војна со ОКТА. Од „Макамтранс“ обвинуваат дека компанијата не сака да ги ревидира договорите за превоз на нафта и одбива да соработува со македонските транспортери, а ги фаворизира грчките превозници. ОКТА ги отфрла обвинувањата дека рафинеријата со новите договори врши фаворизација на грчки превозници, уништувајќи ги домашните. За овој случај „Макамтранс“ испратиле и официјални барања до државните институции за да се вклучат во решавање на овој проблем.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека не можат да се мешаат во договор меѓу две приватни фирми. Од таму сугерираат транспортерите да ја бараат правдата во Комисијата за заштита од конкуренцијата. Единствено ќе се следело дали во целост се задоволуваат безбедносните стандарди за транспорт на опасни материи.
Од „Макамтранс“ велат дека притисокот врз домашните транспортери трае со години за самите да се откажат, а рафинерија да ангажира превозници од Грција. Во распишаните тендери се барало шоферот да биде одговорен и за квалитетот на горивото што е без никаква логика.
„Процесот беше спроведен во согласност со интерните правила на ОКТА и локалните закони и прописи, на начин на кој не се фаворизираше никој од учесниците. Процесот беше исклучително успешен, што резултираше со вкупно 51 доставена понуда, од кои 48 од локални компании и 3 од странски компании. До овој момент, повеќе од 30 транспортни компании, сите од Македонија кои понудија најповолна цена веќе имаат потпишано договори и се целосно ангажирани. Од исходот на процесот, очигледно е дека сите обвинувања за фаворизирање на некои од учесниците се целосно неосновани“, се вели во реакцијата од ОКТА.
Со ОКТА соработуваат околу 200 камионџии. Проблемот е што овие превозници не можат да вршат друг вид на услуги, па камионите земени на кредит ќе мора да ги паркираат, а фирмите да пропаднат. (Ек.Р.) |